Почетна

Прва годишна конференција за е-трговија во Македонија

     На 26-ти октомври 2018 година во салата на Хотелот Мериот во Скопје се одржа Првата конференција за е-трговија во организација на Асоцијата на е-трговија на Македонија.Темата на овогодинешната конференција гласеше „е-Трговија: е-Иднината за е-Македонија”.

     На конференцијата се обрати претседателката на Асоцијата за е-трговија Нина Анѓеловска која што истакна дека Македонците во првото полугодие од оваа година, според податоците од НБРМ, потрошиле 63 милиони евра за купување онлајн, што претставува пораст од 20% во однос на првото полугодие од минатата година. Најголем дел од овие трансакции завршиле кај странските е-трговци, или скоро 41 милиони евра наспроти 22 милиони евра остварени кон домашните е-трговци.

На настанот свое излагање имаа над триесетина говорници, модератори и панелисти од 8 земји, коишто дискутираа за тековните состојби, предизвици и идните трендови на полето на електронската трговија. Свое учество имаше и директорот на Агенцијата за пошти, Влатко Атанасоски.

Во продолжение проследете ги прашањата на присутните и одговорите на првиот регулатор на поштенските услуги во Македонија.

 

 

 

     Влатко, вие сте директор на Агенцијата за пошти веќе 10 години. На ваша иницијатива се подигнува прагот на бесцарински увоз на стоки за лична потрошувачка кои се предмет на меѓународна трговија.

     Дали ќе може да ни кажете колку изнесувал тој праг пред да почнете да работите во Агенцијата за пошти, а колку изнесува сега?

     За пратките кои се предмет на меѓународна електронска трговија, т.е. се испратени од фирми-продавачи до физички лица во земјава, стоките се ослободени од плаќање на царински давачки и ДДВ, само ако вредноста на стоките не надминува 22 ЕВРА и тоа со вклучени транспортни и манипулативни трошоци! Доколку вредноста на стоката е од 22 ЕВРА до 45 ЕВРА, истата е осллободена од плаќање царински давачки но не и ДДВ, а стока чија вредност изнесува над 45 евра подлежи на плаќање и на увозни давачки и на ДДВ!

Овие одредби не се променети не од 2008 година, кога дојдов во Агенцијата, а иницијативата никогаш не беше прифатена.  Нашата иницијатива предвидува ослободување од плаќање на царински давачки и ДДВ за стоките за лична употреба, кои се предмет на меѓународна ел.трговија, за стоки чија вредност не надминува 150 евра

За споредба во патничкиот промет вредноста на стоки за лична употреба кои можат да се увезат без плаќање на царински давачки и ДДВ изнесува 350 евра. Оваа несразмерност не само што го лимитира развојот на сегмнетот за достава во рамките на поштенскиот сектор, не само што создава социјална нееднаквост, туку претставува основен извор и на сивиот пазар во поштенскиот сектор која според нашите истражувања достигнува и до 25 милиони денари на годишно ниво! 

Но она што е многу повеќе важно од аспект на тематиката на денешната конференција е огромниот потенцијал кој останува неискористен во нераскинливата врската меѓу бизнисот за достава или поштенскиот бизнис и домашната електронска трговија.

Од аспект на регулаторното  тело во кое работам, мислам дека имаме подготвено одличен Предлог закон за измнеи на постоечкиот закон за Поштенски услуги, усогласен со европската директива  кој меѓу другото предвидува: стандардизација на поштенската мрежа која ќе обезбеди унапредување на квалитетот на услугите за достава, задолжително користење на лиценцирани компании за достава, што би ја зголемило довербата на купувачите и ги отвара можностите за искористување на предностите на дигитализацијата.

Со промената на легислативата и усвојувањето на овој закон е поврзан и влезот на една од најголемите светски компании за онлајн продажба во Македонија, чија иницијатива за отварање на фулфилмент центар за консолидација и достава на пратки кои се предмет на онлајн трговија е многу значајна за онлајн продавачите во Македонија, а според првичните проценки „тежи“ околу 300 милиони евра и неколку илјади вработувања во циклус од 4 години.

     Пред година дена имавме случај кога оддредена пратка се изгуби и не можеше да се лоцира, иако беше испратена со тракинг број. Процедурата која требаше да ја поминам за рекламација на таа пратка траеше точно 6 месеци. И тоа имав среќа што луѓето кои работеа на шалтер испаднаа доста фер и професионални, па заради нив и ме обештетија, иначе не сум сигурна колку долго би траел тој процес. Дали ќе може да ни кажете кој е просечниот период за обештетување на изгубена пратка и како оди тој процес? како и колку време е потребно за обештетување доколку пратката не може да се лоцира?

     Претспоставувам дека сте имале случај во кој доставувач на пратката билаМакедонска Пошта. Кога националниот оператор е еден од последните монополи во Европа во стопроцентна соственост на Владата, тоа е и за очекување, зашто јас лично сум припадник на либераланта економска школа и иако работам во регулаторно тело имам аргументи со кои барем во мојот сектор би го потврдил често слушнаното клише дека државата е ужасен стопанственик! Пазарниот удел на Македонска Пошта е преку 90% од вкупниот поштенски пазар, а на монополот кој и е законски обезбеден на компанијата се базира повеќе од 90% од приходното портфолио на компанијата. Најголем дел од тој удел отпаѓа на традиционалната пошта или писмоносните пратки и транскациските пратки или популарно наречените месечни сметки за граѓаните. Во такви услови компанијата стана зависна од тие приходи, кои пак заради електронската супституција на поштенските услуги на глобално ниво опаѓа со тренд од 7-11%, за разлика од услугите за достава на пакети и пратки кои се предмет на електронска трговија кои пак на светско ниво растат со стапка од 25% годишно, а вкупниот обем на е-трговија во 2018 се очекува да надмине 2,4 трилиони американски долари на годишно ниво!

Така компанијата заради законите на економијата на обем чекори во сопствената пропаст и ангажирајќи ги најголем дел од своите ресурси за релизација на обврските од монополот ги занемарува услугите и клиентите се тие што ги трпат последиците.Недостатокот на напреден систем за комуникација со клиентите е првичната причина за проблемот со кој сте се соочиле и иако ви го опишавте односот на шалтерските работници како фер, сепак тој однос е далеку од професионален!

Инаку роковите во кои операторот е должен да постапи по  барањето за надомест на штета  на корисници изнесува 8 дена од денот на поднесување на барањето. Доколку во рок од 30 дена од денот на поднесување на Барањето за надомест давателот на универзалната услуга не одговори, корисникот или овластеното лице може да поднесе тужба до надлежниот суд.

Корисниците секогаш имаат право да поднесат рекламација до поштенскиот оператор, без разлика дали е тоа Македонска пошта или друг лиценциран давател на поштенски услуги, во рок од 2 месеци од испраќање на препорачаната пратка и имаат право на надомест на штета во случај на нејзино губење и оштетување.

Што се однесува до висината на надоместот на штета во случај на доцнење на препорачана пратка повеќе од 2 дена  во внатрешниот поштенски сообраќај, законот им го гарантира правото на испраќачите, на име надомест на штета, да добијат 5 кратен износ од платената поштарина за услугата.

За губење, операторот е должен  да исплати 15 кратен износ од поштарината која ја платил испраќачот.  

Сите овие права, на корисниците им се гарантирани со Законот за поштенските услуги, а обврска на секој лиценциран давател на поштенски услуги е да ги почитува тие одредби. Во спротивно, Агенцијата за пошти има надлежност да води постапки и по барање на корисниците, па соодветно да презема и мерки против оние кои го прекршиле.

     Дали како регулаторно тело ја имате моќта да ги унифицирате поплаките, од типот да се изготви формулар кој ќе може да се пополнува електронски и ќе биде по електронски пат испратен до поштата каде ја испраќате рекламацијата?

     За Агенцијата се прифатливи рекламации на било каква форма вклучувајќи ги и рекламциите испратени по електронска пошта. Агенцијата за тековната година предвиде средства за изготвување не само на унифициран формулар туку и мобилна апликација која дава можност за онлајн поднесување на рекламации во реално време, но повторно, поради тоа што Македонска Пошта не ги сервисира надоместоците кон Агенцијата согласно со законот и оваа иницијатива остана само на хартија. Последниот извештај на ЕУ содржи забелешка во која беше нотирано дека работата на Агенцијата е свесно отежната заради ненавременото и нецелосно финансирање од страна на Македонска Пошта, со што се нарушува финансиската независност на Агенцијата.

Сепак, кога веќе зборуваме за овој проблем мора да се знае дека она што ги засега е-трговците од Македонија се општите услови на компаниите за достава на пратки од е-трговија. Според моите сознанија многу мал дел или речиси ниедна компанија не ги користи услугите на Македонска Пошта за достава на своите производи продадени онлајн, туку услугите на поштенските оператори на т.н. слободен пазар или популарно наречените приватни или експрес курири.

Овие компании, како приватни компании, имаат општи услови кои се предвидени да бидат во корист на корисниците и во таа насока очекувам дека токму тие компании ќе се развиваат како компании кои ќе го искористат пазарниот недостаток на квалитетна услуга за достава на пратки од ел.трговија која го фаворизира интересот на купувачот во поглед на квалитет, брзина, заштита на приватноста и решавањето на поплаките.

Ми претставува задоволство дека и во услови на постоење на пазарен монопол условно наречените,  мали компании за достава, го почуствуваа потенцијалот на овој пазарен сегмент кој е во фокусот на ел.трговци и веќе во моментов неколку од тие компании работат на иновативни дигитални решенија базирани на концептот на on demand, same-day delivery услуги за достава кои овозможуваат следење на доставата во реално време.

Една од компаниите кои во моментов чекаат за одобрение од Агенцијата, веќе тестира апликација која на ел.трговци во Македонија ќе им овозможи достава на производите купени он-лајн истиот ден кога производот е купен, услуга која во монетов барем според моите сознанија, не ја не е инкрпорирана на ниту една од повеќе од 500 веб страни за ел.продажба во Македонија. Оваа компанија е македоснки старт-ап во кој се вложени и странски инвестициски средства, така што очекувам многу светли моменти во иднина во однос на релацијата помеѓу ел.трговци и доставувачите на пратки во Македонија.

Печати Е-пошта