Свечено отворање на твининг проектот финансиран од ЕУ1

Свечено отворање на твининг проектот финансиран од ЕУ

 

На 27 февруари 2019 година, во хотелот „Холидеј Инн“ со почеток во 11ч. и 30 мин. беше свечено отворен Твининг проектот финансиран од Европската Унија „Зајакнување на капацитетите на Агенцијата за пошти”.

 Главната цел на овој Твининг проект е зајакнување на капацитетите на Агенцијата за пошти во согласност со барањата што произлегуваат од националното законодавство, како и од Поштенската директива на ЕУ.

Во првиот блок од церемонијата, на присутните им се обратија г-дин Фрек Јанмаат, шеф на секторот за економски работи, зајакнување на институциите и меѓугранична соработка од Делегацијата на ЕУ, г-дин Зоран Маневски, Државен секретар од Министерството за транспорт и врски, г-дин Џорди Љоренс, заменик шеф на мисија во Шпанската амбасада и г-ѓа Сонсолес Мориес Алварез, шеф на Одделот за животна средина и економски развој на Меѓународната Иберо-Американска фондација за администрација и јавни политики (FIIAPP) од Шпанија. Во вториот блок збор земаа директорката на Агенцијата за пошти, г-ѓа Билјана Аврамоска Ѓореска, лидерот на проектот во земјата – корисник, г-ѓа Мирјана Јанковиќ  и  г-дин Рафаел Креспо Арсе, лидер на проектот од земјата – членка од Министерството за транспорт и јавни работи на Шпанија.

Според Фреек Јанмаат од делегацијата на ЕУ, овој проект се случува во време кога започнува процесот на преговори со Европската Унија, во кои една од темите ќе бидат и поштенските услуги. Либерализацијата е дел и од втората фаза на Спогодбата за стабилизација и асоцијација и подразбира македонски компании да можат да даваат услуги во ЕУ и обратно.

Државниот секретар Маневски истакна дека веќе е започнат процесот за подготовка за отворање на пазарот на поштенски услуги.  

„Министерството за транспорт и врски почна со изработка на стратегија за пазарот на поштенски услуги со која ќе се постават нови насоки за негов развој. Стратегијата ќе биде во насока на заштита на слободната конкуренција на пазарот, унапредување на интересите на пазарот и корисниците на поштенските услуги. Во оваа насока, во следниот период посебно внимание ќе посветиме на подготовките за либерализација на пазарот која треба да почне идната година. Ова е особено важно за сите инволвирани во овој сектор, како приватните поштенски оператори, така и државната пошта, со цел подготвени да излеземе на отворениот пазар”, изјави Зоран Маневски, Државен секретар во Министерството за транспорт и врски.

Според директорката на Агенцијата, Билјана Аврамоска – Ѓореска, овој проект треба да му помогне на регулаторното тело за поштенски сообраќај да ги зголеми капацитетите на работа и да го подобри инспекцискиот надзор. Додавајќи дека Агенцијата како регулаторно тело секогаш е во чекор со усвојување на европската легислатива. Целта е да се олесни процесот за целосна либерализација и да се овозможи преод од законски регулиран монопол кон целосно либерализиран пазар без да се наруши функционирањето на пазарните механизми или загрози законски гарантираното обезбедување на универзалната поштенска услуга за сите граѓани на Република Северна Македонија.

Препознавајќи ја потребата од подобрување на регулативата за поштенски услуги во земјата, Европската Унија, преку Инструментот за претпристапна помош, го финансира Твининг проектот "Зајакнување на капацитетите на Агенцијата за пошти". Времетраењето на проектот е 18 месеци (декември 2018 - јуни 2020 година).

Главна институција корисник е Агенцијата за пошти. Главните партнери од земјата-членка на ЕУ се Министерството за јавни работи на Шпанија, преку Министерското одделение за транспорт и јавни работи и Фондацијата Интернационал и Меѓународната Иберо-Американска фондација за администрација и јавни политики (FIIAPP) од Шпанија, како управувачка единица на проектот.

Печати Е-пошта