Меѓународен конкурс за пишување писмо 2016

Меѓународен конкурс за пишување писмо 2016

Агенцијата за пошти на Република Македонија и оваа пролет продолжува со благородната кампања за негување на традицијата за пишување писма и за поттикнување на писмовната комуникација и на јазичната префинетост кај младите.

Конкурсот за пишување писмо е отворен за млади луѓе од 9 до 15- годишна возраст и ќе трае од 15-ти март до 15-ти април 2016 година. Текстовите треба се напишани со своерачен ракопис и во форма на писмо да се испратат на адресата: Агенција за пошти, П. Фах 160, 1000 Скопје. Писмата не треба да содржат повеќе од 800 зборови.

Агенцијата ќе додели, на предлог на посебна жири-комисија, три награди за најдобрите три писма, а авторот на најдоброто ќе биде награден со летување, како и ќе ја има привилегијата да учествува на Меѓународниот конкурс за пишување писмо организиран од Светскиот поштенски сојуз.

Темата која е одбрана за натпреварот во 2016 година е „Напиши писмо до самиот себе на 45-годишна возраст“. Овој наслов е избран да ја одбележи 45-тата годишнина од интернационалниот натпревар. Децата насекаде низ светот се топло охрабрени да ја поттикнат својата имагинација и да напишат писмо до самите себеси.

Минатата година Агенцијата за пошти за првпат беше организатор на национално ниво на Меѓународниот конкурс за пишување писма за млади луѓе (ILWC- International letter writing competition) креиран од Светскиот поштенски сојуз (UPU- Universal postal union).

Светскиот поштенски сојуз секоја година организира Меѓународен конкурс за пишување писмо за млади луѓе. Првиот конкурс бил создаден во 1969 година на  Конгресот во Токио, а официјално започнал да се објавува од 1971 година. Оттогаш милиони млади луѓе од целиот свет од девет до петнаесетгодишна возраст учествуваат на овој конкурс како на национално така и на меѓународно ниво. Земјите учеснички го организираат конкурсот на национално ниво преку пошта, со масовна поддршка од образовните институции и медиумите.