Учество на преставници на Агенцијата за пошти на 18-от состанок на Групата на Европски регулатори за поштенски услуги

 

На 25-ти јуни 2020 година, Групата на Европски регулатори за поштенски услуги (ЕРГП) го одржа 18 –от пленарен состанок преку видеоконференциски пат, под претседателство на д-р Спирос Пантелис, заменик –претседател на грчката комисија за телекомуникации и пошти (ЕЕТТ), на кој учествуваа и претставници на Агенцијата за пошти.

На пленарниот состанок се разговараше за Нацрт – Програмата за работа на ЕРГП за 2021 година која се темели на трите стратешки столба на Среднорочната стратегија на ЕРГП 2020-2022:

1. Ревидирање на поштенскиот сектор;

2. Промовирање на конкурентски поштенски пазар на ЕУ,

3. Зајакнување на крајните корисници.

 

Нацрт Програмата за работа за 2021 година се фокусира на подобрување на Директивата за поштенски услуги на Европската Комисија, која последен пат беше ревидирана во 2008 година, а оттогаш поштенскиот сектор претрпе големи измени.

Следејќи го Извештајот на ЕРГП за 2020 година, ЕРГП во 2021 година планира да изготви посеопфатен извештај, вклучувајќи статистички податоци во врска со оперативните и економските ефекти на пандемијата врз поштенските услуги. Предлог Програмата за работа за 2021 година ќе биде доставена на јавни консултации во период од 07 Јули до 25 септември 2020 година.

Значаен акцент се даде и на последиците од пандемијата COVID 19 врз поштенскиот сектор.

Воедно, на состанокот беа одобрени Предлог извештаите кои исто така ќе бидат ставени во постапка на  јавни консултации во период од 07 Јули до 25 септември 2020 година и тоа:

  1. Предлог Извештај со кој се утврдуваат можните дефиниции во поштенскиот сектор;
  2. Предлог Извештај за клучните прашања на потрошувачите.

Од страна на присутните преставници на земјите членки беше одлучено да започне постапката за избор на претседавачи на ЕРГП за 2021 и 2022 година.

На крај, се реафирмираше и потенцираше ставот дека независноста на националните регулаторни тела, како што е предвидено со правото на ЕУ, е од најголемо значење за извршување на нивните надлежности и должности.