Работна средба на тема „Дигитална фискализација и сузбивање на даночната евазија во е- трговијата”

Работна средба на тема „Дигитална фискализација и сузбивање на даночната евазија во е- трговијата”

Во организација на Министерството за финансии и Асоцијацијата за е-трговија на Македонија на 14.10.2019 год. се одржа тркалезна маса на тема „Дигитална фискализација и сузбивање на даночната евазија во е-трговијата”, со цел да се помогне во собирање на релевантни информации, сознанија и мислења од сите засегнати страни за сузбивање во делот на податоци и проценки околу големината и распространетоста на  евазија во областа на е-трговијата и расположливите ресурси на институциите за откривање и сузбивање на ваквиот облик на сивата економија.

"Со конкретни мерки ќе се адресира сивата економија во е-трговијата. Со скенирање на пратките и технолошко поврзување на електронските продавници со Управата за јавни приходи, ќе се подобри контролата во  дигиталната трговија. Исто така, ќе се отвори е-платформа на која граѓаните ќе можат да ги пријавуваат сите оние кои вршат нерегистрирана е-трговија". Ова беа дел од заклучоците на работната средба, на која присуствуваа министерката за финансии Нина Ангеловска, како и претставници на државни органи, комори, бизнис секторот и Асоцијацијата за е-трговија.

На работната средба учествуваше и директорката на Агенција за пошти – Билјана Аврамоска- Ѓореска, која истакна дека особено е  сензитивно прашањето за т.н. пратки со откупнина, кога нарачаната стока при доставата на пратката се плаќа во кеш. Овој придружен дел на поштенската достава на е-нарачките, кога цената за стоката во име на е-трговецот ја наплатува доставувачот, е недефинирана услуга која е надвор од рамките на поштенската регулатива. Оваа поштенска услуга на достава на пакети, со дополнителната откупнина, е најзастапениот вид во услугите за пакети во внатрешниот поштенски сообраќај. Оттаму интеграцијата на електронската трговија и доставата ја наметнува потребата и од појасна регулаторна рамка, инструменти и механизми во неколку детектирани пункта, рамка и инструменти кои ќе создадат фер пазарни услови, меѓу останатите и такви со кои на е-трговците и/или е-платформите ќе им се наметне обврска за објавување на јасна политика за достава.

 

 

 

Image
Работна средба - Дигитална фискализација