Одржана 15-та јавна седница на Агенцијата за пошти

На 25 Декември 2020 година, Агенцијата за пошти ја одржа својата Петнаесетата Јавна седница, виртуелно преку комуникациската платформа ZOOM.

Почитувајќи го принципот на транспарентно работење, Агенцијата своите јавни седници ги организира со цел да им овозможи на сите заинтересирани страни да се информираат за превземените активности и за регулаторните мерки во годината која изминува. Оваа прилика ја користи и да ја презентира состојбата на поштенскиот пазар во Република Северна Македонија, како и да ја запознае јавноста со плановите и програмите за делување во идниот период.

На јавната седница присуствуваат претседателот и членовите на Комисијата на Агенцијата за пошти, претставници на давателот на универзалната услуга АД Пошта на Северна Македонија – Скопје, како и преставници и гости од давателите на поштенски услуги.

На јавната седница беше презентирана работата на Агенцијата за пошти за време на КОВИД 19, реализирани активности во 2020 година, Статистички извештај за поштенските услуги во Р. С. Македонија во 2019 година превземените активности врз основа на Надлежноста за вршење надзор, како и идните планови и проекти.

Воведно излагање на јавната седница имаше претседателот на Комисијата на Агенција за пошти, г-дин Борче Груевски, кој истакна дека тенденцијата на Агенцијата е креирање на поштенски пазар со иновативна, кориснички ориентирана и ефикасна јавна поштенска мрежа во која давателите на поштенски услуги нудат услуги кои одговараат на социјалните и технолошките промени.

"Годината што изминува беше година на предизвици, на промени, не само во поштенскиот сектор, туку воопшто во сите области во општеството. Агенцијата за пошти, уште од самиот почеток на глобалната криза со зголемено внимание пристапи кон следење на состојбите во кои се најде поштенскиот сектор, и како и досега ќе продолжиме да ја даваме поддршката на сите креатори на македонскиот поштенскиот сектор"- додаде претседателот Груевски.

Свое излагање на јавната седница, имаше Директорката на Агенција за пошти, г-ѓа Билјана Аврамоска Ѓореска, која говореше за работата на Агенцијата за пошти за време на КОВИД 19, реализирани активности во 2020 година, превземените активности врз основа на надлежноста за вршење надзор, како и идните планови и проекти.

Поштенскиот сектор успешно одговори на првичниот удар од корона кризата и е подготвен да се справи со натамошните предизвици. Како регулатор мошне внимателно ги следиме состојбите и одвивањето на ковид кризата, со подготвеност да ги прилагодуваме своите политики, гарантирајќи ја стабилноста на поштенскиот сектор – истакна директорката Аврамоска Ѓореска.

Општиот заклучок е дека со оглед на пандемијата на КОВИД-19 има зголемување на обемот на пакети, главно поради (домашен) раст на е-трговијата и намалување на обемот на другите пратки, на пр. писма.

Кај пратките за коресподенција споредбено во 2019 година - првото полугодие, со 2020 година - прво полугодие има намалување од 29,2 %, додека во обемот на пакети за истиот период има зголемување од 38 % – додаде Аврамоска Ѓореска.

Воедно, директорката напомена дека интересот за поштенскиот сектор е голем односно влезот на поштенскиот пазар се уште го држи нагорниот тренд, што го потврдува фактот за неговиот неискористен потенцијал, особено на пазарите на услуги за поштенски пакети.

На јавната седница се образложи и Статистичкиот извештај за поштенските активности во Република Северна Македонија во 2019 година од страна на раководителката на Директоратот за анализа на пазарот, г-ѓа Данијела Спасиќ – Томовска.

Интегралниот текст од излагањето на директорката на Агенција за пошти, објавено во целост.