ИЗВЕСТУВАЊЕ

Согласно новонастаната  состојба поврзана со појавата и ширењето на КОВИД 19 (корона вирус), и мерките и препораките на Владата на Република Северна Македонија, Агенцијата за пошти, врз основа на  своите надлежности од член 9 од Законот за поштенски услуги („Службен Весник на Република Македонија“ број 158/2010, 27/2014, 42/2014, 187/2014, 146/2015, 31/2016, 190/2016, 64/2018, 248/2018, 27/2019 и 275/2019), ги известува корисниците на поштенски услуги кои примаат и испраќаат пратки, за можните промени во обезбедување на сите поштенски услуги, особено на универзалната услуга, како и за промена во поштенската мрежа на давателот на универзалната услуга, пред се поради скратеното работно време на поштенските подружници.

  1. Агенцијата за пошти ги следи сите мерки кои ги превземаат давателите на поштенски услуги, кои се во насока на заштита на животот и здравјето на корисниците на поштенските услуги како и на вработените во поштенскиот сектор.

1. Следствено на тоа, ги известуваме сите корисници на поштенски услуги дека во периодот кој следи се очекуваат отстапувања во обезбедувањето на поштенските услуги,  особено во роковите за достава, како и  во начинот на достава на поштенските пратки при обезбедување на поштенските услуги, за чие врачување е потребен потпис од примателот на пратката.

2. Во периодот додека се на сила мерките, приговорите од корисниците, за пречекорување на роковите за достава од страна на давателите на поштенски услуги, нема да бидат предмет на разгледување во Агенцијата за пошти.

3. Исто така, ги известуваме сите корисници на поштенските услуги дека има и промена во работното време на давателите на поштенски услуги и во таа насока, молиме за разбирање затоа што се вложуваат напори, поштенските услуги да се завршат на сигурен и безбеден начин за сите нас.

  1. Универзалната услуга која е и законска обврска мора да се обезбедува на целата територија на Република Северна Македонија, согласно превземените мерки и препораки.

1. Воедно, се препорачува во просториите и возилата каде се врши прием и сортирање на пратките, како и при доставата на пратките, да се применуваат мерките за заштита со што ќе обезбеди заштита на здравјето на вработените и на корисниците.

2. Ги повикуваме сите даватели на поштенски услуги, јавно да ги објават промените во начинот на извршување на поштенските услуги и писмено на следната електоронска адреса [email protected], да ја известат Агенцијата за пошти, за истото. Исто така, ги известуваме сите даватели на поштенски услуги дека можат да одбијат прием на пратка во рамките на услугите кои ги нудат.

III.                 Во насока на оперативно олеснување на работењето на давателите на поштенски услуги, во услови на вонредна состојба, Агенцијата за пошти ги донесе следните заклучоци:

1.   Се одложува започнување на прекршочни постапки спрема давателите на поштенски услуги.
2.   Се одложува спроведувањето на редовните надзори планирани согласно Годишната програма за надзор за 2020 година.

3. Се одложува покренување на постапки за присилна наплата (извршување) на годишниот надоместок спрема  давателите на поштенски услуги кои немаат платено годишен надоместок.

4.  Се одложува издавањето на каматни листи за казнена камата, за задоцнето плаќање на годишниот надоместок.
 

Пропишаните мерки ќе се применуваат се додека трае пандемијата од Ковид 19, односно се додека трае вонредната состојба согласно Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба ( „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.68/20).

Агенцијата продолжува континуирано да ја следи состојбата и да презема соодветни мерки неопходни за намалување на негативното влијание врз поштенскиот сектор и заштитата на правата на корисниците.

Редовно ќе ја продолжи комуникацијата со Министерството за транспорт и врски на Република Северна Македонија, со давателот на универзална услуга и останатите даватели на поштенски услуги и редовно ќе ја информира јавноста за преземање на нови активности и дејствија.