ОДРЖАНА ОБУКА ЗА ДОСТАВАТА НА ПОШТЕНСКИ ПРАТКИ КОИ ГИ ИСПРАЌААТ НОТАРИТЕ
| Во организација на Нотарската комора на РМ, поддржана од Агенцијата за пошти, во x. Континентал, во Скопје, на 11.06.2014 год. се одржа обука на тема “ Достава на решенија за дозвола за извршување врз основа на веродостојна исправа во согласност со член 137 од ЗПП”. |
На оваа прва обука од ваков тип, присуствуваа претставници од дванаесет даватели на поштенски услуги кои работат во овој поштенски сегмент на достава, нотари и членови на управниот одбор на Нотарската комора на Република Македонија.
Обуката се одвиваше според посебно дизајнирана програма, а ја одржаа референтни излагачи, проф. д-р Арсен Јаневски, од Правниот факултет Јустинијан Први Скопје, г-ѓа Ирена Костадинова –Ангелова, судија и раководител на оддел за платни налози во Основниот суд Скопје 2 Скопје и г-ѓа Олга Манчевска, раководител на Секторот за правни работи во Агенцијата за пошти.
Настанот го отвори и го модерираше претседателката на Нотарската комора на РМ г-ѓа Зорица Пулејкова, која за во продолжение на соработката помеѓу Агенцијата за пошти и Нотарската комора на РМ, воспоставена на почетокот на оваа 2014 година, најави и нови обуки и други активности, со крајна цел подобрување на квалитетот на поштенските услуги кои поштенските компании ги вршат за потребите на нотарите во Република Македонија.








