TAIEX

TAIEX проект за подобрување на капацитетите на Агенцијата за пошти во делот на анализа на пазарот и мерењето на квалитет на поштенските услуги

Цел на проектот

TAIEX проектот има за цел имплементација на Компонентата 5 која беше предвидена во Твининг проектот ИПА/2018/401-076 „Зајакнување на капацитетите на Агенцијата за пошти„ што се одржа во периодот ноември/декември 2018 година до јуни 2020 година. Поради ситуацијата со COVID 19, Компонентата 5 „Подобрување на капацитетите на Агенцијата за пошти во делот на анализа на пазарот и мерењето на квалитет на поштенските услуги„ беше откажана.

Фокус на проектот

Експертската мисија се фокусира на квалитетот на обезбедување на поштенските услуги.

  • Еден од основните показатели за успешноста за задоволување на потребите и очекувањата на корисниците на поштенските услуги е изразазениот квалитет на дадените услуги. Потребата за мерење на квалитетот на услугите е предвидена во Поштенската директива 97/67/ЕЗ на Европскиот Парламент и Советот од 15 декември 1997 година и нејзините амандамани.
  • Примената на Стандардот 13850 за мерење на квалитетот и негова правилна примена со практична понуда на методологијата - Изработка на Методологија на мерење на квалитетот на обезбедување на единечна поштенска пратка согласно стандардот 13850 која ќе биде основа за мерењето и се применува од независна компанија.
  • Според член 22 од Директивата 2008/6/ЕЗ на Европскиот парламент и на Советот од 20 фебруари 2008 година за изменување и дополнување на Директивата 97/67/ЕЗ во однос на целосното остварување  на внатрешниот поштенски пазар на Унијата, регулаторните тела треба да обезбедат податоци и информации од нивното работење во областа на обезбедување на поштенските услуги.Статистиката е важна оперативна гранка за дефинирање на активности за регулирање и надзор на поштенскиот пазар.
  • Примена на Регулативата за прекугранични услуги и достава на пакети 2018/644

Институции корисници и други вклучени страни

Главен корисник на овој проект е Агенцијата за пошти (Република Северна Македонија).

Планирана е блиска соработка, комуникација и координација со следниве засегнати страни:

  • Министерство за транспорт и врски (МТВ)
  • Универзалниот давател на поштенски услуги
  • Други даватели на поштенски услуги

Компоненти на проектот

Во периодот од 1-ви до 3-ти јуни  2022 година се одржа првата онлајн сесија од TAIEX проектот за подобрување на капацитетите на Агенцијата за пошти во делот на анализа на пазарот и мерењето на квалитет на поштенските услуги со експерти од Националната  Комисија за конкуренција и пазар на Шпанија (регулаторно тело од областа на поштенските услуги) и од Министерството за транспорт, мобилност и урбани работи на Кралството Шпанија.

Директорката на Агенцијата за пошти, г-ѓа Билјана Аврамоска Ѓореска во своето обраќање искажа благодарноста до Европската Унија, Секретаријатот за европски прашања затоа што ја препознаа решеноста на Агенцијата за пошти да го вложи својот максимум во зајакнување на сопствените институционалните капацитети. “Да се заблагодарам, затоа што со издвојувањето средства од своите претпристапни фондови за спроведување на овој проект, ни се укажа повторно довербата дека сме подготвени да работиме на јакнење на институционалниот потенцијал и меѓусебната соработка за да ги спроведеме препораките коишто ќе произлезат од проектните активности. Со истиот степен на професионализам и посветеност со кој пристапуваме кон другите предизвици, пристапуваме и кон спроведувањето на овој проект и ќе го дадеме својот максимален придонес во спроведувањето на активностите коишто ќе треба да следат по неговото завршување. Оттука, овој проект и неговата успешност ги перципираме и како долгорочна клучна инвестиција во еден значаен сегмент од нашето работење“ – додаде Аврамоска Ѓореска.

            Во рамките на тридневната сесија од страна на шпанските експерти се дадоа препораки за хармонизација на законодавството со одредбите на ЕУ Директивата 67/97/ЕС, се споделија практични искуства од имплементацијата на Регулативата за  меѓународната достава на пакети во Шпанија. Воедно, беа прикажани и презентации за методологијата и начинот на подготовка на годишен извештај, квалитетот на универзалната услуга како и за мерењето на квалитет на поштенските услуги.    

На сесијата учествуваа вработени во Агенцијата за пошти, преставници на давателот на универзалната услуга “АД Пошта на Северна Македонија“ како и на  давателите на поштенски услуги кои обезбедуваат поштенски услуги во меѓународниот поштенски сообраќај.

На 09-ти и 10-ти јуни  2022 година се одржа втората онлајн сесија од TAIEX проектот за подобрување на капацитетите на Агенцијата за пошти во делот на анализа на пазарот и мерењето на квалитет на поштенските услуги со експерти од националниот давател на поштенски услуги La Poste France.

            Во рамките на втората сесија од страна на француските експерти беше презентирана законската рамка за собирање и анализа на податоци за поштенските услуги, како и формата на прашалниците за поштенски податоци кои давателите на поштенските услуги имаат обврска да ги доставуваат до француското регулаторно тело (ARCEP), како и методологијата на собирање на статистички податоци од страна на националниот давател на поштенски услуги La Poste France. Воедно од страна на експертите се споделија практични искуства од имплементацијата на Регулативата за меѓународната достава на пакети во Франција.    

На сесијата покрај вработените во Агенцијата за пошти, учествуваа и преставници на давателот на универзалната услуга “АД Пошта на Северна Македонија“.

Искрено се надевам дека резултатите од TAIEX проектот ќе ни бидат квалитетен водич во активностите кои ќе ги превземе Агенцијата во насока на унапредување и зајакнување на пазарот на поштенските услуги.  Овој проект и неговата успешност ја перципираме  како долгорочна клучна инвестиција во еден значаен сегмент од нашето работење.Ме радува фактот што во овој проект, како TAIEX партнери имавме и две од земји членки на Европската Унија – Шпанија и Франција. Во комуникацијата и соработката со експертите во изминатите пет дена се стекнавме со  сознанија коишто ќе ни бидат од голема корист во нашето натамошно работење. Може да резимираме еден успешно завршен проект, а во периодот потоа, откако ќе ги спроведеме добиените препораки, и да испишеме уште една од многуте историски страници за придонесот на Агенцијата за пошти за европските интегративни процеси на нашата земја – истакна во своето завршно обраќање директорката на Агенција за пошти, г-ѓа Билјана Аврамоска Ѓореска.

Со реализација на втората сесија се финализира и 5-та Компонента од Твининг проектот „Зајакнување на капацитетите на Агенцијата за пошти“ која не беше реализирана заради пандемијата предизвикана од Ковид 19, и со тоа во целост се заокружува Твининг проектот (кој започна во декември 2018 година, а заврши во јуни 2020 година).

Овој проект е финансиран од Европска Унија.