Корисник на поштенски услуги е физичко и правно лице кое како испраќач или примач користи поштенски услуги.
- Испраќач е физичко или правно лице кое испраќа поштенски пратки.
- Примач е физичко или правно лице до кое се адресирани поштенските пратки.
Правата, обврските и одговорностите на корисниците на поштенски услуги се уредени со Законот за поштенски услуги и други домашни и меѓународни акти кои ги регулираат условите за вршење на работите од областа на поштенските услуги, како и со Општите услови за работа на секој лиценциран давател на поштенски услуги.
Корисникот има законско право да користи поштенски услуги кои се опфатени со универзалните поштенски услуги согласно општите услови за обезбедување на универзална поштенска услуга на А.Д. Пошта на Северна Македонија, и во кои особено се содржани видовите на поштенски услуги, видовите на поштенските пратки, условите за прием, пренос, сортирање и дистрибуција на поштенските услуги, постапките за рекламации и други услови поврзани со обезбедувањето.
Корисникот има право да ги користи и поштенските услуги од давателите на поштенските услуги, за поштенски пратки и под услови уредени со нивните Општи услови за работа во поштенскиот сектор во рамки на дозволата издадена од Агенцијата за пошти.
Испраќачот е одговорен за внатрешното пакување и содржината на поштенската пратка.
Испраќачот е одговорен за сите штети што неговата пратка заради несоодветното пакување ги предизвикала на другите поштенски пратки, на средствата и објектите кај давателите на поштенските услуги, како и за повреди или смрт на вработените и на други лица, доколку тие настанат поради тоа што пратката содржела предмети чиј пренос е забранет.
Испраќачот е должен да ја означи стварната вредност на содржината на пратката со означена вредност.
Испраќачот е должен на поштенската пратка читливо и јасно да ги напише називот односно име и презиме на примачот и испраќачот, и точна адреса на испраќачот и примачот, или истите да му ги соопшти на давателот на поштенски услуги при предавање на пратката. Во случај на непотполни адресни податоци за примач и испраќач, давателот на поштенски услуги може да го одбие приемот на пратката.
Испраќачот е сопственик на пратката и има право да располага се до нејзината достава на примачот.
Примачот има право да одбие да прими поштенската пратка која се доставува на неговата адреса.
⚠Забрането е поштенските пратки да содржат:
- опојни дроги, освен ако испраќачот и примачот не се лица кои се законски овластени за производство или трговија со вакви материјали;
- експлозиви, запаливи, радиоактивни и други опасни материи (по исклучок опасните материи што се разменуваат помеѓу надлежните институции можат да се пренесуваат со поштенски пратки на начин и под услови утврдени со овој закон);
- живи животни (по исклучок поштенските пратки, различни од пратките со означена вредност, е дозволено да содржат пчели, пијавици и свилени буби);
- предмети чиј увоз и промет се забранети во одредишната земја – меѓународни пратки;
- предмети кои се опасни по животот и здравјето на вработените кај давателот на поштенски услуги;
- предмети кои се забранети со актите на Светскиот Поштенски Сојуз – (за давателот на универзалната услуга во меѓународен поштенски сообраќај);
- други материјали и предмети чие пренесување е забрането, согласно со овој и друг закон.
За поштенските пратки за кои не е платена поштарина или е недоволно платена, истата ја плаќа примачот, односно испраќачот при враќање на поштенската пратка, доколку поинаку не е пропишано во Општите услови за обезбедување на поштенските услуги од страна на давателите на поштенски услуги.
Агенцијата за пошти е достапна и отворена за комуникација со корисниците во насока да даде одговор на сите прашања поврзани со работењето на лиценцираните даватели на поштенски услуги.
Агенцијата ги информира и советува корисниците како да ја добијат соодветната услуга и да ги насочи како правилно да го решат проблемот доколку се појави.