Честит СВЕТСКИ ДЕН НА ПОШТИТЕ!
На 9 oктомври секоја година се прославува Светскиот ден на поштите. Имено, на 9-ти октомври 1874 година во швајцарскиот град Берн е основан Светскиот Поштенски Сојуз (Universal Postal Union –UPU).
Земјите-членки на Светскиот Поштенски Сојуз на свој начин го обележуваат настанот, вклучувајќи многу активности од воведување или промоција на нови поштенски производи и услуги, па се до организација на отворени денови во поштите, поштенските центри и поштенските музеи.
Оваа година за прв пат, во организација на Светскиот Поштенски Сојуз (UPU) прославата за Светскиот ден на поштите ќе се одржи виртуелно. На 9-ти октомври со почеток во 10 часот и 30 минути, сите заинтересирани церемонијата може да ја следат онлајн на следниов линк: https://tv.upu.int/
Целта на Светскиот ден на поштите е да ја подигне јавната свест за улогата на поштите во секојдневниот живот на луѓето и бизнисите како и за придонесот кој поштите го имаат за социјалниот и економски развој на земјите.
По повод Светскиот ден на поштите кој се одбележува денес, директорката на Агенцијата за пошти, Билјана Аврамоска Ѓореска, упати порака до давателите на поштенските услуги и поштенските работници:
„Светскиот ден на поштите е соодветен ден за да им се оддаде голема почит и признание на давателите на поштенските услуги, на поштенските работници и на сите оние кои се вклучени во процесот на достава на поштенските пратки. Особено сега, во време кога се соочуваме со светска пандемија и кога не смееме да заборавиме на луѓето кои придонесуваат животот да тече и понатаму.
Оваа година е поразлична од другите. Би сакала посебно да истакнам дека вработените во македонскиот поштенски сектор се гордост, кои и покрај сите предизвици и опасности, смело, одговорно и со неверојатна посветеност ја вршат својата работа а со тоа несебично му помагаат на општеството и покажуваат општествена одговорност. Ви благодариме и од името на сите корисници на поштенските услуги, за Вашата одговорност при извршување на работата кога најмногу сте потребни!
Во периодов на големи предизвици кај граѓаните и правните субјекти, се зајакна свеста за важноста на поштенската достава и го направи поштенскиот сектор клучен за социјалната вклученост. По повод денешниот ден, најискрено и од сѐ срце им се заблагодарувам на поштенските работници со порака дека само со взаемно одговорно однесување можеме побрзо и полесно да ја пребродиме оваа ситуација.“
Традиционално и Генералниот секретар на Светскиот поштенски сојуз, г-дин Хусеин Бишар, упати порака по повод Светскиот ден на поштите:
„Се покажа дека поштенските работници се неопходен персонал додека пандемијата беснееше низ целиот свет и истите работеа напорно за да ги достават поштенските пратки. Ја поздравувам храброста и посветеноста на милиони поштенски работници кои продолжија со достава иако соочени со глобално нарушување. Ја направивте индустријава а и светот горди! – Ви изразувам огромна почит за вашите многубројни достигнувања. И покрај многубројните предизвици, колективно ја исполнивме нашата должност за универзалната услуга со поштенска достава до сите на планетава, без разлика на нивната локација. Од нашите најрани почетоци, сме надминале војни, природни катастрофи и епидемични болести. Секогаш сме доставувале! Меѓутоа, оваа 2020 беше година кога поштенската индустрија му ја покажа на светот својата флексибилност, упорност и непроценливата улога која ја игра во секое општество.
Покажавме дека сме повеќе од пошта! "