Одлука за определување на вредност на поенот за пресметување на годишниот надоместок за 2021 година

14.04.2021

Врз основа на член 16 став (1) алинеја 5 од Законот за поштенските услуги (,,Службен весник на Република Македонија,, бр. 158/2010, 27/2014, 42/2014, 187/2014, 146/2015, 31/2016, 190/2016, 64/2018, 248/2018, 27/2019 и ,,Службен весник на Република Северна Македонија,, бр. 275/2019 и 107/2020), на состанокот одржан на 20.11.2020 година, Комисијата на Агенцијата за пошти  донесе:

 

О Д Л У К А

за определување на вредноста на поенот за пресметување на годишниот надоместок за 2021 година

 

  1. Вредноста на поенот за 2021 година изнесува 449,2699 денари.
  2. Вредноста на поенот од точката I. на оваа одлука, се применува при пресметување на годишниот надоместок за 2021 година.
  3. Оваа одлука е составен дел на Годишната програма за работа на Агенцијата за пошти за  2021 година.
  4. Оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во ,,Службен весник на Република Северна Македонија.

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ  

Комисијата на Агенцијата за пошти, на состанокот одржан на 20.11.2020 година ја разгледуваше Годишната програма за работа на Агенцијата за пошти за 2021 година и ја определи вредноста на поенот за 2021 година како во диспозитивот.

При одлучувањето, Комисијата ги зема предвид планираните активности и Финансискиот план за 2021 година како составен дел од Годишната програма за работа на Агенцијата, Извештајот со пресметани поени на пазарот на поштенските услуги со состојба 31.10.2020 година, како и 40 издадени заклучоци за поени, доставени до давателите на поштенски услуги, до денот на одржување на состанокот на Комисијата.

Согласно член 28 став 7 од Законот, при пресметувањето на вредноста на поенот  Комисијата ги зема предвид ставките на трошоците од Финансискиот план на Агенцијата за извршување на активностите и задачите планирани во програмата за работа на Агенцијата. Комисијата ги разгледа проектираните трошоци и соодветно на нив и приходите од Финансискиот план, па оцени дека структурата и висината на планските и стандардните трошоци во Финансискиот план на Агенцијата за пошти за календарската 2021 година и тоа како фиксните така и варијабилните, директно произлегуваат од планираните активности.

Комисијата констатира дека планираните регулаторни активности на Агенцијата за 2021 година, во значителен обем се однесуваат на активности и задачи поврзани со давателот на универзална услуга АД "Пошта на Северна Македонија" - Скопје, соодветно на приоритетите при извршување на надлежностите на Агенцијата, во поглед на обезбедување непречено функционирање на универзалната услуга и следење на работата на давателот на универзалната услуга. Дел од трошоците се за активности на Агенцијата кои се однесуваат на лиценцираните даватели на поштенски услуги во Република Северна Македонија и заштитата на правата на корисниците.

Финансискиот план за 2021 година соодветно и пропорционално ги проектира трошоците за  планираните активности кои се рефлектираат и на планираните приходи. Па оттука, износот на контото 750 – Сопствени приходи - приходи од годишен надоместок од давателите на поштенските услуги во Финансискиот план за 2021 година, изнесува 24.000.000 денари.

Комисијата оцени дека трошоците се оправдани, па соодветно на тоа и планираниот приход од контото 750 е доволна финансиска рамка за непречено извршување на конкретни активности на Агенцијата во 2021 година. Приходот планиран на овој начин е износот кој се дели со вкупниот број на поени на пазарот на поштенските услуги во Република Северна Македонија, согласно член 12 став 2 од Правилникот за начинот на определување на бројот на поени и на вредноста на поенот за пресметување на годишниот надоместок („Службен весник на Република Македонија бр.167/2010, 31/2013 и 155/2017).

Вториот елемент од кој зависи висината на вредноста на поенот во односната година, е вкупниот број на поени на пазарот на поштенските услуги во Република Северна Македонија, поради што Комисијата го разгледа и Извештајот со збирен број на поени на пазарот на поштенските услуги со состојба 31.10.2020 година, и констатира дека вкупниот број на поени на поштенскиот пазар во Република Северна Македонија е правилно пресметан и утврден на 53.420 поени. Се констатира дека вкупниот број на поени на поштенскиот пазар е збир на бројот на поени за обезбедување на универзална услуга врз основа на Индивидуална дозвола и бројот на поени констатирани со заклучоци за секој од давателите на поштенски услуги, со следната структура:

  • 50.000 поени за АД Пошта на Северна Македонија - Скопје; 120 поени за Карго Експрес Битола; 175 поени за ДХЛ Експрес Македонија Скопје; 115 поени за ИН ТИМЕ МК БПС Скопје; 175 поени за ПНЛ Транслог ДООЕЛ Скопје; 175 поени за РСЕ Оптима Вите Скопје; 30 поени за Јокам Пошта 2011 Дебарца; 175 поени за ДелЦО Скопје; 175 поени за Брза Пратка Скопје; 30 поени за Мерџаноски ТП Тетово; 30 поени за Глобал Мессаге Скопје; 30 поени за ДМ – Јосифовски ДООЕЛ Прилеп; 50 поени за Прологис сервис Скопје; 40 поени за Екстра 03 Кавадарци; 60 поени за Балкан Деливери Сервис Скопје; 120 поени за ТПЛ Тотал Логистик Скопје; 60 поени за Бате Пере Експрес Скопје; 115 поени за Деливери Сервис Интернешенел Скопје; 120 поени за Пост Експрес Македонија; 75 поени за Ин Пошта Радески Скопје; 120 поени за Нова Пошта Скопје; 60 поени за Експрес пошта ДОО Струмица; 30 поени за Брза пратка Пост-М Логистик Тетово; 60 поени за Интернешенел Меил Деливери-ИМД ДООЕЛ Скопје; 70 поени за М-Достава ДООЕЛ Скопје; 40 поени за Цикло Пошта ДООЕЛ Скопје; 30 поени за Еко Пошта ДООЕЛ Скопје; 160 поени за Еко Логистис Сервис ДООЕЛ Скопје; 60 поени за Анфиленд ДООЕЛ за подружница Брза пошта број еден Скопје; 120 поени за Сити Пошта ДООЕЛ Скопје; 120 поени за ВИП Пошта ДООЕЛ Скопје; 120 поени за Ин Тајм Пост ДООЕЛ Скопје; 70 поени за Мекс Пошта ДООЕЛ Скопје; 120 поени за Фалкон Логистик ДОО-подружница Фалкон Логистик Курир (ФЛЦ) Скопје; 30 поени за План Експшрес ДООЕЛ Скопје; 70 поени за Балкан Пост ДОО Скопје; 70 поени за ГПС – Глобал Постал Сервис ДООЕЛ Скопје; 40 поени за Омни Деливери ДОО Скопје; 60 поени за БЕ-ДА Гроуп ДООЕЛ увоз-извоз Скопје – подружница БЕ-ДА Експрес Скопје; 60 поени за МГС Деливери ДООЕЛ Скопје, и 40 поени за Урбан Деливери Сервис ДООЕЛ Скопје.

Врз основа на горенаведеното, Комисијата оцени дека вредноста на поенот е пресметана во согласност со начинот пропишан во членот 28 од Законот и членот 12 став 2 од Правилникот, поточно дека 449,2699 денари е количникот кој се добива кога 24.000.000 денари ќе се поделат со 53.420 поени, односно тоа е вредноста која се добива кога приходите од контото 750, ќе се поделат со вкупниот број на поени  на поштенскиот пазар.

Вредноста на поенот утврдена во оваа висина, ќе се применува при пресметување на годишниот надоместок за 2021 година.

Поради сето напред наведено, Комисијата одлучи како во диспозитивот, а  согласно член 28 став 7  од Законот за поштенските услуги.

 

       Бр. 02-250/6

20 ноември 2020 година

            Скопје                                                                                      

АГЕНЦИЈА ЗА ПОШТИ

Комисија

Борче Груевски, претседател, с.р.