Јавен состанок

21 Јавен состанок на Агенцијата за пошти 22.12.2023 година

Почитувајќи го принципот на транспарентно работење, во просториите на хотел Мериот беше одржан 21-ти јавен состанок на Агенцијата за пошти, на кој пред чинителите во поштенскиот сектор беа презентирани реализираните активности, плановите за делување во 2024 година, како и Анализата на пазарот на поштенски услуги во Република Северна Македонија за 1-во полугодие за 2023 година.

На јавниот состанок присуствуваа претседателот на Комисијата на Агенција за пошти Борче Груевски, заменик на претседателот Суад Бајрами, членовите на Комисијата Владимир Кироски и Андреј Јосифовски, заменик на Народниот правобранител, Јован Андоновски, како членови на Управниот одбор на давателот на универзалната услуга, претставници на Министерството за транспорт и врски, Собранието на Република Северна Македонија, претставници на давателите на поштенски услуги, медиумите, како и други поканети гости од институциите со кои соработува Агенцијата за пошти.

Во своето обраќање, осврнувајќи се на реализираните активности во 2023 година, директорката на Агенција за пошти, Билјана Аврамоска Ѓореска истакна: „Сумирајќи ги активностите во јубијелната година за Агенцијата за пошти може да констатирам дека на најдобар можен начин, посветено и одговорно, Агенцијата ги извршува своите законски функции и надлежности. Доказ за успешноста е скоро целосно реализација на Годишната програма за работа за 2023 година што подразбира висок степен на реализирани активности, значителен број на донесени стратешки документи, извештаи и анализи кои се однесуваат на регулирање и развој на поштенскиот пазар“.

(Интегрален текст од обраќањето на директорката Билјана Аврамоска Ѓореска: Рекапитулација на реализирани активности во 2023 година година)

На јавниот состанок беше презентирана Анализата на пазарот на поштенски услуги во Република Северна Македонија за 1-во полугодие за 2023 година од страна на раководителката на Директоратот за следење и анализа на пазарот, Данијела Спасиќ  Томовска.

(Анализа на пазарот на поштенски услуги во Република Северна Македонија за 1-во полугодие за 2023 година објавена во целост на веб страната на Агенцијата за пошти)

„Агенцијата за пошти ја исцрта својата траекторија на работење со донесување на Годишната програма за работа на Агенцијата за пошти за 2024 година, во која се зацртани целите кои ние како регулатор на пазарот на поштенските услуги треба да ги реализираме преку низа на активности, иницијативи и предлози. Годишната програма е во собраниска процедура и сме во очекување на нејзино донесување“ - додаде Аврамоска Ѓореска, осврнувајќи се на идните планови и проекти кои ќе се реализираат во 2024 година.

(Интегрален текст од обраќањето на директорката Билјана Аврамоска Ѓореска: Идни планови и проекти за 2024 година на Агенцијата за пошти )

Од страна на присутните беше изразено задоволство од успешниот јавен состанок, преку поставените прашања и плодните дискусии преку кои јасно се потенцира партнерскиот, транспарентниот и инклузивен однос на Агенцијата со сите чинители во поштенскиот сектор.

 

Рекапитулација на реализирани активности во 2023 година

Идни планови и активности за 2024 година

Анализа на пазар на поштенски услуги во Република Северна Македонија -прво полугодие 2023