Светски ден на поштите – 9 Октомври
Светскиот ден на поштите се одбележува секоја година на 9 октомври. Тоа е годишнина од основањето на Светскиот поштенски сојуз (Universal Postal Union -UPU) во 1874 година во швајцарскиот град Берн. Целта на Светскиот ден на поштата е да ја подигне јавната свест за улогата на поштенскиот сектор во секојдневниот живот на луѓето и бизнисите и неговиот придонес за општествениот и економски развој на земјите.
За одбележување на Светскиот ден на поштите, оваа година е одбрана темата ,,Поштите за планетата” (Post for planet) за што е изработен и пригоден постер кој претставува визуелна порака за придонесот на поштата во еколошки одржлива иднина.
Како централен мотив во ова уметничко дело е планетата Земја претставена со јасна разлика помеѓу денот и ноќта, кои и покрај тоа што претставуваат контраст, асоцираат на континуитет и еволуција.
На нашата планета Земја која постојано се врти, работите се исто така во постојано движење и во таа смисла, испрекинатите линии на дизајнот ја илустрираат врската помеѓу далечните региони каде што поштата може да стигне дури и во најодалечените места на нашата планета и да понуди широк спектар на услуги. Како доминантна боја се јавува зелената која често се поврзува со екологија и природа, во психологијата се толкува како боја на оптимизмот, а во овој овој случај алудира на нови почетоци.
Без разлика дали станува збор за доставување на пакети, писма или обезбедување на финансиски, социјални и здравствени услуги или пак хуманитарна помош, поштите се насочени кон одржлива достава.