Враќање на монополот на поштенските услуги
Агенцијата за пошти, регулаторно тело во поштенскиот сектор, со јавни овластувања согласно Законот за поштенските услуги, Ве информира дека Собранието на Република Северна Македонија на седницата одржана на 20 октомври 2022 година го донесе Законот за изменување на Законот за поштенските услуги (објавен во “Службен весник на Република Северна Македонија бр.227/2022)“, со кој давателот на универзалната услуга од денот на влегувањето во сила на овој закон (26 октомври 2022 година) има ексклузивно право да обезбедува резервирани поштенски услуги до 31 декември 2023 година.Со оваа измена, повторно се враќа ценовниот монопол за услугите за писма до 50 грама, кој е воспоставен со закон во корист на давателот на универзалната услуга - А.Д. Пошта на Северна Македонија – во државна сопственост - Скопје, која за истата услуга има регулирана цена од 25 денари по писмо, одобрена од регулаторот.
Тоа значи дека лиценцираните даватели на поштенски услуги за истата поштенска услуга не смеат да наплаќаат единечна цена пониска од 62,5.денари,(според цените кои се во примена од 01.03.2020 година), почнувајќи од 26.10.2022 година, односно, можат да ги обезбедуваат услугите од опфатот на резервираните услуги по цена која е два и половина пати повисока од цената по која давателот на универзална услуга ги обезбедува пратките за кореспонденција од стандардна категорија во првата тежинска стапка.
Воедно, напомнуваме дека Агенцијата за пошти во повеќе наврати укажуваше на последиците кои би настанале од евентуалното усвојување на Предлог на Законот за изменување на Законот за поштенските услуги, како и на негативните економски ефекти од ваквите околности, врз поштенскиот сектор.