Директорката на Агенција за пошти на Годишното Собрание на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија

AETM1

„Развојот на е - трговијата има големо влијание врз трансформацијата на пазарот на поштенски услуги, но од друга страна со сигурност може да се истакне дека, основен столб и важна алка во синџирот која го заокружува успешниот циклус на е-трговијата е квалитетната и брза достава од страна на давателите на поштенски услуги. Сите сме свесни за дигитализацијата и нејзината неопходност, и во време кога дигатализацијата и е-трговијата се во полн ек, кога бројот на е-трговците расте, неизбежно е да се истакне дека македонскиот поштенски пазар во обемот на пакетските услуги бележи пораст. Новите трендови и навики на граѓаните за купување онлајн влијаат на развојот на конкуренцијата на пазарот на поштенски услуги. Сосем разбирливо и очекувано, е дека дигитализацијата на општеството и растот на е-трговијата сè повеќе ги направија услугите за достава на пакети главен фокус на внимание на давателите на поштенски услуги, и во тој контекст поштенскиот сектор ја покажа својата флексибилност и прилагодливост кон економските и општествените предизвици“, ова меѓудругото го истакна директорката на Агенција за пошти, Билјана Аврамоска Ѓореска во своето поздравно обраќање на Годишното собрание на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.

Според Аврамоска Ѓореска, останува предизвикот за подостапна законската регулатива и во делот на е-трговијата и прекуграничната достава на пакети, и водени од таа цел заедно со Министерството за транспорт и врски се работи на транспонирање на Регулативата на ЕК за меѓународна достава на пакети 2018-644, во Законот за поштенските услуги. „Европската комисија пред извесно време претстави и неколку законски пакети, кои Агенцијата за пошти ги следи, а се однесуваат на дигиталната економија и кои ќе имаат и значително влијание врз поштенскиот пазар во однос на доставата на пратки од е-трговија“, додаде директорката Аврамоса Ѓореска.

Освен директорката, на Собранието поздравни обраќања имаа Претседателката на АЕТМ, Д-р Нина Ангеловска и Д-р Фатмир Бесими, Министер за финансии. На годишното Собрание на АЕТМ беa презентирани и усвоени извештајот за работата на АЕТМ за 2022 година како и планот и програмата за работа за 2023 година.

 

 

Image
AETM
Image
AETM2
Image
AETM3