Потпишан меморандум за соработка со Хрватската Регулаторна Агенција за мрежни индустрии (ХАКОМ)
Во рамките на дводневниот состанок кој се одржа во Загреб на 08-ми и 9-ти мај 2023 година, со Хрватската Регулаторна Агенција за мрежни индустрии (ХАКОМ), Агенцијата за пошти размени искуства кои можат да се применат во регулирањето на националните пазари на поштенски услуги.
Регулаторните тела надлежни за регулирање на пазарот на поштенски услуги на Република Северна Македонија и Република Хрватска потпишаа Меморандум за соработка во областа на регулација на пазарот на поштенски услуги. Меморандумот во име на Агенцијата за пошти го потпиша директорката Билјана Аврамоска Ѓореска, а во име на ХАКОМ, директорот Миран Госта.
Имајќи ја во предвид важноста на билатералните односи и соработката на регулаторните тела на Република Северна Македонија и Република Хрватска во регулирањето на поштенскиот пазар, како и заедничкиот интерес таа соработка да се интензивира со цел дисеминација на стекнатите знаења и искуства, се одржа и дводневен работен состанок, чиј домаќин беше ХАКОМ.
Од страна на колегите од ХАКОМ беше претставена организацијата и начинот на работа на ХАКОМ, начинот и постапката на изработка на Правилник за посебно сметководство, како и постапката на изработка, доставување и одобрување на Регулаторниот финансиски извештај на давателот на универзалната услуга. Воедно, беа споделени хрватските искуства за начините на регулација на цените на поштенските услуги, и во таа насока беше презентиран Правилникот за ценовни ограничувања, како и case study за пресметка на цените заснован на Price cap методот.
Во текот на дводневните разговори се дискутираше и за регулаторните предизвици со кои двете регулаторни тела се соочуваат во секојдневното работење, при што беа разменети искуства и стекнати знаења на конкретни примери кои ќе бидат од корист во решавање на регулаторните предизвици.
Ваквите работни и билатерални состаноци се особено корисни за двете национални регулаторни тела затоа што придонесуваат за унапредување на поштенските услуги, взаемно и регионално користење на позитивните искуства и сознанија, како и воспоставување на стандарди преку користење на најдобрите практики во регулацијата на пазарот на поштенските услуги во Република Северна Македонија и Република Хрватска – беше заедничкиот заклучок.