Обврски на давателите на поштенски услуги по однос на поштенската евиденција, документирање и нејзино чување

Black Flatlay

Следејќи го развојот на поштенскиот пазар, потребите на корисниците на поштенски услуги и предизвиците со кои се соочуваат сите чинители во поштенската област, Агенцијата за пошти донесе регулаторни мерки за воедначување на обврските на давателите на поштенски услуги, со цел  создавање услови за фер конкуренција во поштенскиот сектор и намалување на сивата економија.

Со регулаторните мерки донесени на 01 ноември 2019 година, Агенцијата за пошти  ги задолжи давателите кои обезбедуваат поштенски услуги во внатрешниот и меѓународниот поштенски сообраќај, без оглед на датумот на издавање на Општите овластувања, доследно да ги извршуваат следните обврски:

  1. Задолжително пополнување на полињата со сите адресни податоци за испраќач и примач во потврдите (адресниците) за услугите за препорачаните, пратки со означена вредност, и пратките со откупнина во моментот на прием на пратките;
  2. Ажурно и уредно водење на евиденцијата за поштенските услуги кои ги обезбедуваат од почеток до крај, на дневна основа, на начин со кој ќе се обезбеди интегритет на записите (електронски или на хартија);
  3. Евиденцијата за услугите за препорачаните и за пратки со означена вредност, како и на дополнителните услуги за пратки со откупнина задолжително да ги содржи адресните податоци на примач и на испраќач (име и презиме/назив за физички и правни лица и нивни полни адреси);
  4. Документирање на препорачани услуги, вредносните услуги, експресните, како и на услугите за пратки со лична достава;
  5. Поштенската документација (адресници, доставни книги, дневни задолжувања на курири и слично) за услугите од точка 2 да се чува најмалку 1 година сметано од завршување на доставата (скенирани во електронска или во хартиена форма), и
  6. Обврските за задолжително евидентирање и документирање не се однесуваат на поштенските услуги за обични писма кои се доставуваат во куќно поштенско сандаче.

Агенцијата за пошти ги задолжи давателите на поштенски услуги за доследно почитување на зададените обврски по однос на поштенската евиденција, документирање и нејзино чување, со посебен акцент дека секое постапување кое не е во согласност со пропишаните обврски соодветно ќе биде санкционирано во законска постапка.