Директорот Миладиноски за „Слободен печат“: Државната пошта работи по застарен метод и со опрема каква што веќе нема никаде

 

Поштенскиот кадар, а особено доставувачите и другите директно вклучени во технолошките процеси, работат по исклучително застарен метод и со опрема за работа што одамна веќе никаде ја нема, речиси и без употреба на ИТ-технологија, а АД Пошта на Северна Македонија со години не успева да најде начин да ги мотивира вработените, кои масовно ја напуштаат работата, алармира Миладиноски.

И покрај секојдневните поплаки на граѓаните за пратките преку државната пошта, бројот на рекламации се намалува, вели директорот на Агенцијата за пошти, Сретен Миладиноски. Тој алармира дека Пошта на Северна Македонија треба да се приспособи на растот на е-трговијата и дека тоа е една шанса за подобрување на нејзините финансиски извештаи. Во однос на огромната администрација во однос на поштарите, Миладиноски вели дека Агенцијата за пошти за тоа предупредувала во своите периодични извештаи за состојбата на поштенскиот пазар во државата, како и во годишните извештаи до Собранието. Тој нагласува дека веќе одамна е вклучен и алармот за генерираните загуби, но дека ниеден проект за реструктурирање не е спроведен, па затоа ниту корисниците не гледаат никакво подобрување кај услугите.

Многу често во јавноста се зборува дека пратките преку Пошта на Северна Македонија многу доцнат или, пак, дека воопшто не стигнуваат. Дали се зголемува бројот на рекламации за поштенски услуги што вие ги добивате?

– Еве, ќе ве информирам за податоците со кои располага Агенцијата за пошти, поврзани со писмените рекламации поднесени од корисниците на поштенски услуги кај давателите на поштенски услуги, и во Агенцијата за пошти. Во својство на корисници на поштенски услуги може да се јават физички и правни лица. Според анализите на Агенцијата, бројот на рекламации кај давателите на поштенски услуги на слободниот пазар има зголемување од 59,7 проценти во првото полугодие од 2023 година во однос на првото полугодие од 2022 година (вкупно 659), додека кај давателот на универзалната услуга односно АД Пошта на Северна Македонија има намалување. Имено, во првото полугодие од 2023 година кај АД Пошта на Северна Македонија, од корисници биле поднесени само 103 рекламации за препорачани пратки, од кои речиси 90 отсто од нив се однесувале за пречекорување на рокот за достава на пратки, а 10 проценти за губење пратки. Вкупниот бројот поднесени рекламации кај давателите на поштенски услуги претставува мал процент, односно 0,004 проценти во однос на вкупно остварениот обем кај давателите на поштенски услуги.

Во Агенцијата за пошти, во 2023 година поднесувањето претставки и приговори е намалено во споредба со претходната година. Од вкупно 16 поднесени претставки во шест од нив корисниците реагирале и за доставата на пратки од страна на националниот давател, по што се преземени активности за проверка на наводите и дадени се насоки и препораки за соодветно постапување. Според нивниот бројот, сметаме дека корисниците во прва инстанција успешно ги решаваат своите проблеми директно со давателите на поштенските услуги, но сепак Агенцијата во континуитет секоја година преку своите кампањи ја информира и ја потсетува јавноста за правните лекови кои им се на располагање на корисниците на поштенски услуги.

Од причина што Агенцијата за пошти е кориснички ориентирана и отворена за соработка со корисниците, на секое пишано или телефонско обраќање од корисник, дури и да е без законски основ, Агенцијата му посветува внимание и дава препораки и информира за чекорите кои треба да се преземат.

Во јавноста сепак има перцепција за поголемо незадоволство од Пошта на Северна Македонија од бројките за рекламации. Како Пошта да биде поефикасна во доменот на услугите?

– Одговорот на прашањето како АД Пошта на Северна Македонија да ги подобри услугите за своите корисници, го знаат најдобро во друштвото, го знаеме и ние како регулатор, но, за жал, на давателот на универзална услуга – националната Пошта, сè повеќе ѝ снемува капацитет да се справи со основните регулаторни барања за тоа секое писмо да стигне на адреса најдоцна за 3 дена.

Факт е и дека Пошта плива во загуби. Според последните расположливи податоци, акумулираната загуба до 31.12.2022 година е 18,7 милиони евра. Како друштвото да стане профитабилно? Има ли тука некаква надлежност Агенцијата за пошти?

– Општо земено за непреземањето корпоративни мерки за подобрување на продуктивноста и профитабилноста во секое едно трговско друштво, одговорноста е само и исклучиво на менаџментот. Алармот со генерираните загуби во континуитет одамна е вклучен и кај сопственикот – Владата, но сепак ниеден проект за реструктурирање не е спроведен, па затоа ниту корисниците не гледаат никакво подобрување кај услугите, напротив сите се навикнаа на неповолната состојба.

АД Пошта на Северна Македонија веќе има големи внатрешни проблеми во поглед на отсуство на модернизација и реорганизацијата на процесите, кои подолго време не успеваат да ги решат ни неколкуте гарнитури на менаџмент, кои за волја на вистината често се менуваат.

Затоа сите регулаторни мерки преземени од Агенцијата за пошти од нејзиното основање во 2008 година до денес, вклучувајќи ги и најекстремните – со прекршочно санкционирање, за жал паѓаат во сенката на она што реално многу повеќе влијае на државната АД Пошта на Северна Македонија, а тоа се неконзистентните државни поштенски политики со одложување на либерализацијата и отсуството на реформи кај националниот оператор, за кои државата вети дека ќе се залага и ќе ги спроведе во последната Стратегија за развој на поштенскиот сектор 2008-2010.

Сведоци сме на голем раст на е-трговијата. Дали Пошта на Северна Македонија се приспособува на тој тренд?

– На трендовите за дигитализација и директната последица од тие трендови врз падот на обемот на традиционалните услуги за писма, како и потребата од приспособување на процесите и диверзификација на услугите на АД Пошта на Северна Македонија, Агенцијата за пошти укажува повеќе години, но без успех. Упорно и без економско оправдување вештачки се одржувa монополот за писмата до 50 грама повеќе од 10 години, што сега се покажа сосем погрешно и не ја подготви АД Пошта на Северна Македонија за конкурентен натпревар.

Имено, сегментот од пазарот на пакети, во Република Северна Македонија се развива исклучиво благодарение на приватните вложувања на новите играчи на пазарот – лиценцираните даватели на поштенски услуги, кои во моментов ги има 34.

Дигитализацијата нема да запре, напротив таа сè повеќе го зазема просторот и ја истиснува потребата од услугата за физичка достава на писма, па во таа насока треба да се прават и идните планови за реструктурирање на АД Пошта на Северна Македонија и искористување на овој тренд во развивање модерни дигитални поштенски услуги.

Вториот важен тренд според кој АД Пошта на Северна Македонија, треба да ја приспособи бизнис-ориентацијата е високата годишна стапка на раст на е-трговијата, која во светски рамки изнесува по 9 проценти годишно во последната декада.

Овој раст на е-трговијата имплицира дека физичката достава на нарачките е неопходност без која продажбата на далечина нема ни смисла. Затоа играчите на поштенскиот пазар вклучително и националниот оператор, доколку инвестираат, оправдано може да очекуваат пораст во услугите што се поврзани и комплементарни на е-трговијата, како услуги за плаќање, логистика и поштенска достава на пакети.

Синдикатот на Пошта на Северна Македонија се пожали на кадровската екипираност. Оттаму посочија дека имаат многу шефови, но малку оперативни работници и поштари.

– Агенцијата за пошти во своите периодични извештаи за состојбата на поштенскиот пазар во државата, како и во годишните извештаи до Собранието на Република Северна Македонија, укажува за големата дискрепанција меѓу бројката на вработени во администрација и бројката на поштенски работници и пошторазнесувачи во АД Пошта.

Поштенскиот кадар, а особено доставувачите и другите директно вклучени во технолошките процеси работат по исклучително застарен метод и со опрема за работа што одамна веќе никаде ја нема, речиси и без употреба на ИТ-технологија, а АД Пошта на Северна Македонија со години не успева да најде начин да ги мотивира вработените, кои масовно ја напуштаат работата.

Европските пошти добиваат субвенции, нашата не.

За разлика од многу европски национални пошти што по основ на државна помош секоја година инкасираат огромни суми евра за одржливост на универзалната услуга од буџетите на земјите членки, АД Пошта на Северна Македонија остана без субвенционирање од државата за извршување на овие обврски за универзалната услуга, посочува Миладиноски.

– Нашиот законодавец, државата, дури нема пропишано ни механизам за вакво субвенционирање, поради што работната група што работеше на последните измени на Законот за поштенски услуги, предложи да се пропише таков правен механизам што е во согласност и со Поштенските директиви на ЕУ. И да биде јасно, оваа државна помош и кога ќе се воспостави не е безусловна. Пресметките за загубите на АД Пошта на Северна Македонија, за тоа што мора да ја обезбедува универзалната услуга по униформни цени до секоја адреса во државата, треба да се оправдани, засновани на реални оперативни трошоци и оптимална продуктивност – дециден е директорот на Агенција за пошти.