Донесен нов Правилник за видовите на финансиски податоци и информации поврзани со обезбедувањето на поштенските услуги и начинот на нивното доставување до Агенцијата и Извештаи за обезбедување на поштенски услуги

Врз основа на член 25 став 2 од Законот за поштенските услуги (,,Службен весник на Република Македонија,, бр.158/2010, 27/14 , 42/14 и 187/2014, 146/2015, 31/2016, 190/2016, 64/2018, 248/2018, 27/2019 и ,,Службен весник на Република Северна Македонија,, бр.275/2019 и бр.150/2021), Агенцијата за пошти ги пропишува видовите на финансиски податоци и информации поврзани со обезбедување на поштенските услуги, кои давателите на поштенските услуги се должни да ги доставуваат.

Во таа насока, Комисијата на Агенцијата за пошти на состанокот одржан на 12 јули 2021 година донесе нов Правилникот за видовите на финансиски податоци и информации поврзани со обезбедувањето на поштенските услуги и начинот на нивното доставување до Агенцијата и Извештаи за обезбедување на поштенски услуги кои се составен дел на Правилникот (објавен во “Службен Весник на Република Северна Македонија“ бр.161/2021). 

Целта на донесување на нов Правилник и Извештаи, произлезе пред се од потребата за подготвување на анализи засновани на податоци кои потекнуваат од давателите на поштенски услуги, а кои се поврзани со обезбедување на поштенските услуги. Следејќи ги измените кои настануваат на пазарот на поштенските услуги како резултат на развој на ИТ технологијата, на потребите на корисниците и на променетите услови за работа на давателите на поштенски услуги, беше неопходно воведување на дополнителни категории на услуги во Извештаите.

Измените на Извештаите за обезбедување на поштенски услуги  се однесуваат  на дополнување на одредени услуги кои ги обезбедуваат давателите на поштенските услуги како што се пратки со откупнина,и пратки кои потекнуваат од е-трговијата. Воедно, потребата за се поголема сигурност и квалитет при достава на пратките бара да се користи современа ИТ технологија со цел корисниците во секој момент да можат да ја следат пратката, односно да го следат текот на движењето на нивната пратка.

           

Воедно, измените се однесуваат на  категории на услуги од е-трговија, писма, пакети, како и услугите со откупнина од внатрешен, така и од дојдовен и појдовен меѓународен сообраќај. Во делот на точките за пристап ќе треба да се  наведе и користењето на ИТ технологијата, сортинг центри и магацин/и за логистика,  и предвидените инвестиции за наведениот период.