Второ место за Бруно Ивановски од Република Северна Македонија на 50тиот Меѓународен конкурс за пишување писма
Победникот на овогодинешниот Меѓународен конкурс за пишување писма беше објавен на последниот ден од Конгресот на Светскиот поштенски сојуз во Абиџан, Брегот на Слоновата Коска. Овој настан во 2021 година претставува 50 годишнина на конкурсот за млади писатели.
Оваа година победничка на конкурсот е 14 годишната Нубајша Ислам од Силхет, Бангладеш. Таа го доби првото место за своето писмо до нејзината малечка сестра за тешкотиите со кои се соочило нејзиното семејство за време на пандемијата Ковид-19. Темата на конкурсот оваа година беше - ,,Напиши писмо до член од твоето семејство во врска со искуството со Ковид-19”.
Нубајша напиша за своето искуство за време на пандемијата вклучувајќи ги и полицискиот час, депресијата на мајка си, и смртта на тетка и. Исто така, ја охрабри својата помала сестра никогаш да не губи надеж во тешки времиња.
Второто место на конкурсот го освои 14 годишниот Бруно Ивановски од Северна Македонија. Тој напиша писмо до својата баба за тоа дека ја нема видено една година и многу му недостасува. И третото место, го освои 14 годишната Дао Анх Тху од Виетнам, со нејзиното писмо до нејзината помала сестра.
Официјалната церемонија за доделување на наградите ќе биде одржана во Берн, Швајцарија на 8ми октомври, Светскиот ден на поштите. Победникот ќе биде поканет на настанот, а ќе бидат пофалени и писма од Белорусија, Бразил, Турција, Индонезија и Либија.
Овој конкурс е започнат во 1971 година и се одржува секоја година и ги охрабрува младите луѓе од целиот свет да пишуваат писма на одредена тема. Целта на овој конкурс е да се подигне свеста за улогата на поштенските оператори во општеството, како и да промовира писменост помеѓу децата од светот преку уметноста на пишување писмо. Секоја година учествуваат повеќе од 60 земји, и жири комисијата избира три писма кои добиваат златни, сребрени и бронзени награди. Сите победници добиваат медал, писмо од генералниот директор на Светскиот поштенски сојуз, сертификат и некои мали подароци.
Секоја година се пријавуваат повеќе од 1.2 милиони учесници на возраст помеѓу 9 и 15 години. Најголем број на учесници се од Виетнам, кои имаат добиено неколку награди и пофалници.
На почетокот на секоја година Светскиот поштенски сојуз ја објавува темата на конкурсот, а потоја земјите членки одржуваат конкурс на својата територија. Писмата мора да бидат рачно напишани и да не содржат повеќе од 1000 зборови.