Одржан 23ти пленарен состанок на Европска група на поштенски регулатори (ЕРГП)
На 24-ти и 25 -ти ноември 2022 година во Барцелона, Шпанија, Европската група на поштенски регулатори (ЕРГП) го одржа својот втор Пленарен состанок во 2022 година, под претседателство на г-дин Петрос Галидес, заменик претседател на Комисијата за комуникации на Кипар (OCECPR), подржан од потпретседателот д-р Спирос Пантелис, потпретседател на грчката Комисија за телекомуникации и пошти (ЕЕТТ), на кој учествуваа директорката на Агенција за пошти, Билјана Аврамоска Ѓореска и раководителката на Директоратот за следење и анализа на пазарот. Данијела Спасиќ Томовска.
На пленарниот состанок се усвои Програмата за работа за 2023 година, која ги дава задачите на ЕРГП за следната година во согласност со стратешките столбови поставени со новата Среднорочна стратегија на ЕРГП за период од 2023 до 2025 година: (1) Повторно разгледување на поштенскиот сектор и регулаторната рамка во однос на одржливоста на животната средина и дигитализацијата; (2) Промоција на конкурентен единствен поштенски пазар на ЕУ во контекст на зголемени достави на пратки од е-трговија и (3) Зајакнување на крајните корисници и обезбедување универзална услуга ориентирана кон корисниците.
Во 2023 година, ЕРГП ќе се фокусира на идните потреби на обезбедување на универзалната услуга, ефектите од модернизација/адаптација на универзалната услуга, идни регулаторни надлежности, практики за одржливост на животната средина, суштински поштенски индикатори, имплементација на Регулативата за услуги за меѓународна достава на пакети, како и квалитет на услуга, заштита на корисници и постапување со рекламации.
На Пленарниот состанок се изрази жалење поради фактот што нема непосреден предлог за измена на регулаторната рамка, последователно на Одлуката на Советот на ЕУ 2022/1327 од 26 јули 2022 година. Истовремено, на Пленарниот состанок се изрази поддршка за ангажирањето на Европската Комисија за прогресивна студија за поштенскиот сектор која би придонела за одлука за ревизија на поштенската рамка. Поради тоа, Програмата за работа на ЕРГП за 2023 година беше изменета за да се вклучи извештајот за ефектите од модернизацијата на универзалната услуга во тие земји членки каде модификациите на универзалната услуга се имплементирани или се во подготовка, а особено за вработување и задоволство на корисници, како и трошковна/финансиска одржливост на давателите на универзална услуга.
Понатаму, на Пленарниот состанок се усвоија следните документи:
- ЕРГП ПЛ II (22) 8 – Извештај на ЕРГП за влијанието на онлајн платформите врз поштенскиот сектор;
- ЕРГП ПЛ II (22) 10 – Извештај на ЕРГП за квалитет на услуга, заштита на корисници и постапување со рекламации;
- ЕРГП ПЛ II (22) 12 – Извештај на ЕРГП за суштински поштенски индикатори;
- ЕРГП ПЛ II (22) 14 – Извештај на ЕРГП за пристап до поштенската мрежа во контекст на развојна е-трговија:
- ЕРГП ПЛ II (22) 16 – Извештај на ЕРГП за еколошка одржливост во поштенскиот сектор.
Во оваа прилика, ЕРГП едногласно го избра г-дин Дан Сјоблом, Генерален директор на Комисијата за пошти и телеком на Шведска, за Претседател на ЕРГП за 2024 година.
Пред одржувањето на Пленарниот состанок, на 24 ноември, ЕРГП одржа јавна работилница каде се дискутираше за иднината на универзалната услуга во контекст на големо намалување на обемот во традиционалниот поштенски сектор и експанзија на пакетите поради е-трговијата и новите потрошувачки навики кои започнаа со пандемијата. Практична дебата, со фокус на искуството од земјите кои започнале со реформи на универзалната услуга или размислуваат за такви мерки, која понуди одлична почетна точка за извештајот за влијанието на реформата врз корисниците, вработувања, животната средина и одржливоста на давателите на универзалната услуга, а кој извештај ЕРГП ќе го подготви за Комисијата.
За ЕРГП
ЕРГП (Европска група на поштенски регулатори) е составена од 27 национални регулаторни тела за поштенски услуги од ЕУ, како и национални регулаторни тела од земјите од Европската економска област и земјите со кандидатски статус за влез во ЕУ. ЕРГП ја советува и ѝ помага на Комисијата за развој на внатрешниот пазар за поштенски услуги и за доследна примена на регулаторната рамка за поштенски услуги во сите земји членки.