Одржан 19-от јавен состанок на Агенцијата за пошти

Почитувајќи го принципот на транспарентно работење, Агенцијата го одржа 19-от јавен состанок на кој ги информираше сите чинители на пазарот на поштенските услуги за преземените активности и регулаторни мерки во 2022 година. Воедно, на јавниот состанок, јавноста беше запознаена со состојбата на поштенскиот пазар во Република Северна Македонија, како и со плановите и програмите за делување во идниот период.

На јавниот состанок присуствуваа претседателот на Комисијата на Агенција за пошти г-дин Борче Груевски, заменик на претседателот г-дин. Суад Бајрами и членот на Комисијата г-дин. Владимир Кировски, генералниот директор на А.Д. “Пошта на Северна Македонија“ г-дин. Васко Стефанов, заменик на генералниот директор на А.Д. “Пошта на Северна Македонија“ г-дин. Ненад Јошевски, членови на Управниот одбор на давателот на универзалната услуга, генералниот секретар на Асоцијација за е-трговија на Македонија, г-дин. Виктор Стојковски, претставници на Министерството за транспорт и врски, Секретаријатот за европски прашања, Царинската управа, претставници на давателите на поштенски услуги, медиумите, како и други поканети гости од институциите со кои соработува Агенцијата за пошти.

На јавниот состанок беа презентирани реализираните активности на Агенцијата за пошти во 2022 година, Статистичкиот извештај за поштенските активности во Република Северна Македонија за првото полугодие од 2022 година, Истражувањето на потребите на корисниците, како и идните планови и проекти.

Во своето излагање на јавниот состанок, директорката на Агенција за пошти, г-ѓа Билјана Аврамоска Ѓореска, говореше за работата на Агенцијата за пошти во 2022 година, при што истакна дека „Агенцијата на најдобар можен начин ги извршува своите законски функции и надлежности. Доказ за успешната работа е високиот степен на реализирани активности, значителен број на донесени стратешки документи, извештаи и анализи кои се однесуваат на регулација и развој на поштенскиот пазар.

(Интегрален текст од обраќањето на директорката Билјана Аврамоска Ѓореска: Рекапитулација на реализираните активности во 2022 година)

Работењето на Агенцијата во 2023 година ќе се темели на 6 стратешки цели, кои произлегуваат од процесот на тековното работење и се во согласност со домашната регулатива, меѓународните практики и претходните искуства. Овие 6 цели ги покриваат сите важни области во остварување на законските надлежности. Нивното спроведување ќе овозможи унапредување на системот во поштенскиот сектор, како и вклучување на концептот на транспарентност и интегритет во најважните аспекти од работењето на Агенцијата.

Осигурувањето на обезбедување на универзална услуга, одржливиот развој и анализа на пазарот на поштенските услуги и зајакнување на конкуренцијата на пазарот на поштенските услуги, заштитата на давателите и на корисниците на поштенските услуги, зајакнување на надзорните и контролните механизми, јакнење на институционалните капацитети на Агенцијата и транспарентност и соработка, ќе останат во фокусот“ – додаде Аврамоска Ѓореска, осврнувајќи се на идните планови и проекти кои ќе се реализараат во 2023  година.

(Интегрален текст од обраќањето на директорката Билјана Аврамоска Ѓореска: Планови и идни проекти за 2023 година на Агенцијата за пошти)

На јавниот состанок беше презентиран Статистичкиот извештај за поштенските активности во Република Северна Македонија за првото полугодие од 2022 година од страна на раководителката на Директоратот за следење и анализа на пазарот, г-ѓа Данијела Спасиќ  Томовска.

(Статистичкиот извештај за поштенските активности во Република Северна Македонија за првото полугодие од 2022 година објавен во целост на веб страната на Агенцијата за пошти)

На состанокот, од страна на раководителките на Директоратот за следење и анализа на пазарот и Директоратот за заштита на правата на корисниците и односи со јавноста, г-ѓа Данијела Спасиќ Томовска и г-ѓа Ана Ковачевска беа презентирани резултатите од спроведеното истражување за потребите на корисниците кои ќе послужат како индикатор на давателите на поштенски услуги за креирање на нови поштенски услуги, усогласување на потребите во услови на зголемена е - трговија, електронска субституција и сл.

Од страна на присутните беше изразено задоволство од успешниот јавен состанок, преку поставените прашања и плодните дискусии преку кои јасно се потенцира партнерскиот, транспарентниот и инклузивен однос на Агенцијата со сите чинители во поштенскиот сектор.

 

 

Image
19-ТИ ЈАВЕН
Image
19-ТИ ЈАВЕН
Image
19-ТИ ЈАВЕН