Одржан инаугуративниот состанок на Работната група за регулаторна рамка за поштенски услуги во состав на ЕРГП - Европска група на поштенски регулатори
Во Мадрид на 20 и 21.02.2024 година, со инаугуративен состанок на Работната група за регулаторна рамка за поштенски услуги во состав на Европска група на поштенски регулатори- ЕРГП (European Regulators Group of Postal Services – Regulatory Framework Working Group) за 2024 година, кој се одржа во седиштето на надлежното регулаторно тело од Шпанија, Националната Комисија за Пазар и Конкуренција -CNMC (Comisión Nacional de los Mercados y la Competencia) се означи значајна пресвртница во напорите кон содавање основи за идна регулаторна правна рамка за поштенскиот сектор во Европа.
Во текот на два дена интензивни дискусии меѓу претставниците од европските регулаторните тела, на кои што учествуваа и нашите претставници, директорот на Агенцијата за пошти д-р Сретен Миладиноски и раководителот на Директоратот за регулатива,лиценцирање и правни работи Олга Манчевска, се поставија основите и методите на работа на групата која има за мандат да изработи писмен документ „Извештај на ЕРГП за прегледот на идната поштенска регулаторна рамка“.
Форумот под претседателство на регулатопрните тела од Португалија и Австрија, договори за целите на изработка на Извештајот да бидат разгледувани наодите и заклучоците од десетина ЕРГП извештаи, заеднички изработени во последните пет години. Судската пракса и мислењата искажани во сите пресуди на Европскиот суд на правдата низ годините наназад исто така задолжително ќе се земе во предвид при изработката на споменатиот документ, кој што треба да послужи во насока на современо обликувањето на иднината на поштенскиот сектор во Европа.
На Извештајот во рамки на групата ќе се работи до крајот на 2024 година а и по задолжителната расправа во структурата на ЕРГП, се очекува негово усвојување и објавување кон средината на 2025 година.
На состанокот, оваа работна група ја објави и соработка со друга работна група на ЕРГП -за потрошувачи и основни пазарни индикатори, која ќе се одвива оваа година со мандат да се изработи и друг Извештај кој се фокусира на потребите на ранливите корисници во однос на поштенските услуги.
За оваа важна тема, вредно е да објавиме дека е планирано и одржување на јавна работилница во јуни 2024 година, како дел од пленарниот состанок на ERGP во Виена.