Комисијата на Агенцијата за пошти , постапувајќи врз основа на член 16 став (1) алинеја 5 од Законот за поштенските услуги (,,Службен весник на Република Македонија,, бр.158/2010, 27/2014, 42/2014, 187/2014, 146/2015, 31/2016, 190/2016, 64/2018, 27/2019 и ,,Службен весник на Република Северна Македонија,, бр. 275/2019 и 150/2021) (во натамошниот текст: Законот), на состанокот одржан на 22.11.2021 година донесе:
.
О Д Л У К А
за определување на вредност на поенот за пресметување на годишниот надоместок за 2022 година
- Вредноста на поенот за 2022 година изнесува 482,1958 денари.
- Вредноста на поенот од точката I. на оваа одлука, се применува при пресметување на годишниот надоместок за 2022 година.
- Оваа одлука е составен дел на Годишната програма за работа на Агенцијата за пошти за 2022 година.
- Оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во ,,Службен весник на Република Северна Македонија”.
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ
Комисијата на Агенцијата за пошти, на состанокот одржан на 22.11.2021 година ја разгледуваше Годишната програма за работа на Агенцијата за пошти за 2022 година и ја определи вредноста на поенот за 2022 година како во диспозитивот.
При одлучувањето Комисијата ги зема предвид планираните активности и Финансискиот план за наредната 2022 година кој е составен дел од Годишната програма за работа на Агенцијата, Извештајот со збирен број на поени на пазарот на поштенските услуги со состојба 31.10.2021 година, како и 42 издадени и испратени заклучоци за поени за давателите на поштенски услуги.
Согласно член 28 став 7 од Законот, при пресметувањето на вредноста на поенот Комисијата ги зема предвид ставките на трошоците од финансискиот план на Агенцијата за извршување на активностите и задачите планирани во програмата за работа на Агенцијата. Комисијата ги разгледа проектираните трошоци и соодветно на нив и приходите од Финансискиот план, па оцени дека структурата и висината на планските и стандардните трошоци во Финансискиот план на Агенцијата за пошти за календарската 2022 година и тоа како фиксните така и варијабилните, директно произлегуваат од планираните активности.
Планираните активности за 2022 година, соодветно на приоритетите, во значителен обем се однесуваат на законски надлежности кон давателот на универзална услуга АД Пошта на Северна Македонија Скопје, во поглед на обезбедување непречено функционирање на универзалната услуга и следење на работата на давателот на универзалната услуга. Дел од трошоците се планирани за активности на Агенцијата кои се однесуваат на лиценцираните даватели на поштенски услуги, развој на ефективна конкуренција во секторот и заштитата на правата на корисниците.
Финансискиот план за 2022 година
соодветно и пропорционално ги проектира трошоците за така планираните активности кои се рефлектираат и на планираните приходи. Па оттука износот на контото 750 – Сопствени приходи - приходи од годишен надоместок од давателите на поштенските услуги во Финансискиот план за 2022 година, изнесува 26.000.000,00 денари.
Комисијата оцени дека трошоците се оправдани, па соодветно на тоа и планираниот приход од контото 750 е доволна финансиска основа за непречено извршување на конкретни активности на Агенцијата во 2022 година. Приходот планиран на овој начин е износот кој се дели со вкупниот број на поени на пазарот на поштенските услуги во Република Северна Македонија, согласно член 12 став 2 од Правилникот за начинот на определување на бројот на поени и на вредноста на поенот за пресметување на годишниот надоместок („Службен весник на Република Македонија” бр.167/2010, 31/2013 и 155/2017).
Вториот елемент од кој зависи висината на вредноста на поенот во односната година, е вкупниот број на поени на пазарот на поштенските услуги во Република Северна Македонија, поради што Комисијата го разгледа и Извештајот со збирен број на поени на пазарот на поштенските услуги со состојба 31.10.2021 година, па констатира дека вкупниот број на поени на поштенскиот пазар во Република Северна Македонија е правилно пресметан и утврден на 53.920 поени. Се констатира дека вкупниот број на поени на поштенскиот пазар е збир на бројот на поени за обезбедување на универзална услуга врз основа на Индивидуална дозвола и бројот на поени констатирани со заклучоци за секој од давателите на поштенски услуги, со следната структура:
-50.000 поени за АД Пошта на Северна Македонија Скопје; 120 поени за Карго Експрес Битола; 145 поени за ДХЛ Експрес Македонија Скопје; 175 поени за ИН ТИМЕ МК БПС Скопје; 175 поени за ПНЛ Транслог Скопје; 175 поени за РСЕ Оптима Вите Скопје; 30 поени за Јокам Пошта 2011 Дебарца; 175 поени за ДелЦО Скопје; 145 поени за Брза Пратка Скопје; 30 поени за Глобал Мессаге Скопје; 60 поени за ДМ – Јосифоски Прилеп; 100 поени за Екстра 03 Кавадарци; 60 поени за Балкан Деливери Сервис Скопје; 120 поени за ТПЛ Тотал пост Логистик Скопје; 60 поени за Бате Пере Експрес Скопје; 115 поени за Деливери Сервис Интернешенел Скопје; 120 поени за Пост Експрес Македонија; 105 поени за Ин Пошта Радески Скопје; 90 поени за Нова Пошта Скопје; 30 поени за Брза пратка Пост-М Логистик Тетово; 90 поени за Интернешенел Меил Деливери-ИМД Скопје; 70 поени за М-Достава Скопје; 40 поени за Цикло Пошта Скопје; 30 поени за Еко Пошта Скопје; 175 поени за Еко Логистис Сервис Скопје; 60 поени за Анфиленд - подружница Брза пошта број еден Скопје; 120 поени за Сити Пошта Скопје; 60 поени за ВИП Пошта Скопје; 120 поени за Ин Тајм Пост Скопје; 70 поени за Мекс Пошта Скопје, 120 поени за Фалкон Логистик -подружница Фалкон Логистик Курир (ФЛЦ) Скопје; 60 поени за План Експрес Скопје; 120 поени за Бе-Да Гроуп Скопје; 120 поени за МГС Деливери Скопје; 55 поени за Урбан Деливери Сервис Скопје; 70 поени за Еуро-Енерџи Тетово-подружница Еуро Карго Тетово; 30 за Сити експрес пошта Битола; 100 поени за Б-Пост Скопје-подружница Б-Пост Скопје; 120 поени за Хелло Пост Скопје; 120 поени за Колпортер Скопје; 50 поени за Нарачај Скопје; 60 поени за Виа Пост Скопје и 30 поени за Бизнис пошта Битола.
Од се погоре наведено, Комисијата оцени дека вредноста на поенот пресметана на 482,1958 денари е во согласност со членот 28 од Законот и членот 12 став 2 од Правилникот, како количник од приходите од контото 750 и вкупниот број на поени на поштенскиот пазар.
Вредноста на поенот утврдена со оваа Одлука, ќе се применува при пресметување на годишниот надоместок за 2022 година.
Поради сето напред наведено, Комисијата одлучи како во диспозитивот, а согласно член 28 став 7 од Законот за поштенските услуги.
Бр. 02-269/6
22 ноември 2021 година
Скопје
АГЕНЦИЈА ЗА ПОШТИ
Комисија
Борче Груевски, претседател, с.р.