ОДЛУКА за определување на вредност на поенот за пресметување на годишниот надоместок за 2023 година

24.06.2023

Комисијата на Агенцијата за пошти, врз основа на член 16 алинеја 5 од Законот за поштенските услуги (,,Службен весник на Република Македонија,, бр.158/2010, 27/2014, 42/2014, 187/2014, 146/2015, 31/2016, 190/2016, 64/2018 и 27/2019 и ,,Службен весник на Република Северна Македонија,, бр. 275/2019, 150/2021 и 227/2022) (во натамошниот текст: Законот),  на состанокот одржан на 28.11.2022 година  донесе:

О Д Л У К А

за определување на вредност на поенот за пресметување на годишниот надоместок за 2023 година

 

  1. Вредноста на поенот за 2023 година изнесува 469, 2192 денари.
  2. Вредноста на поенот од точката I. на оваа одлука се применува при пресметување на годишниот надоместок за 2023 година.
  3. Оваа одлука е составен дел на Годишната програма за работа на Агенцијата за пошти за  2023 година.
  4. Оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во ,,Службен весник на Република Северна Македонија”.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ  

Комисијата на Агенцијата за пошти, на состанокот одржан на 28.11.2022 година ја разгледуваше Годишната програма за работа на Агенцијата за пошти за 2023 година и  ја определи вредноста на поенот за 2023 година како во диспозитивот.

При одлучувањето Комисијата ги зема предвид планираните активности и Финансискиот план за наредната 2023 година кој е составен дел од Годишната програма за работа на Агенцијата, Извештајот со збирен број на поени на пазарот на поштенски услуги со состојба 31.10.2022, како и 41 заклучок за поени издадени и испратени до давателите на поштенски услуги.

Согласно член 28 став 7 од Законот, при пресметувањето на вредноста на поенот  Комисијата ги зема предвид ставките на трошоците од финансискиот план на Агенцијата потребни за извршување на активностите и задачите планирани во Годишната програма за работа на Агенцијата. Комисијата ги разгледа проектираните трошоци од финансискиот план, па оцени дека структурата и висината на планските и стандардните трошоци во финансискиот план на Агенцијата за пошти за календарската 2023 година и тоа како фиксните така и варијабилните, директно произлегуваат од планираните активности.

Планираните активности и задачи за 2023 година, соодветно на приоритетите, во значителен обем се однесуваат на извршување на законските надлежности на регулаторот и целите за осигурување дека универзалната услуга за сите корисници се обезбедува континуирано, непречено и по утврдени критериуми за фрекфенција, квалитет и цени како и опсег, вид и карактеристики на национални и меѓународни поштенски услуги. Од тука значителен дел од трошоците се планирани за активности за регулатива усогласена со состојбите на поштенскиот пазар и за следење на работата на назначениот давател на универзалната услуга АД Пошта на Северна Македонија Скопје. Дел од трошоците се планирани за активности на регулација на пазарот кои се однесуваат на лиценцираните даватели на поштенски услуги и на надзорните и контролни механизми во функција на  поттикнување и развој на ефективна конкуренција во секторот и заштитата на правата на корисниците.

Финансискиот план за 2023 соодветно и пропорционално ги проектира трошоците за така планираните активности кои се рефлектираат и на планираните приходи. Па оттука износот на контото 750 – Сопствени приходи - приходи од годишен надоместок од давателите на поштенските услуги во Финансискиот план за 2023 година, изнесува 25.000.000,00 денари.

Комисијата оцени дека трошоците се оправдани, па соодветно на тоа и планираниот приход од контото 750 е доволна финансиска основа за непречено извршување на конкретни активности на Агенцијата во 2022 година. Приходот планиран на овој начин се дели со вкупниот број на поени на пазарот на поштенските услуги во Република Северна Македонија, согласно член 12 став 2 од Правилникот за начинот на определување на бројот на поени и на вредноста на поенот за пресметување на годишниот надоместок („Службен весник на Република Македонија” бр.167/2010, 31/2013 и 155/2017).

Вториот елемент од кој зависи висината на вредноста на поенот во односната година, е вкупниот број на поени на пазарот на поштенските услуги во Република Северна Македонија, поради што Комисијата го разгледа и Извештајот со збирен број на поени на пазарот на поштенските услуги со состојба 17.11.2022 година,  па констатира дека вкупниот број на поени на поштенскиот пазар во Република Северна Македонија изнесува 53.280 поени. Се констатира дека вкупниот број на поени на поштенскиот пазар е збир на бројот на поени за обезбедување на универзална услуга врз основа на Индивидуална дозвола пропишан со Законот и на бројот на поени констатирани со заклучоци за секој од давателите на поштенски услуги, со следната структура:

-50.000 поени за АД Пошта на Северна Македонија  Скопје; 120 поени за Карго Експрес Битола; 145 поени за ДХЛ Експрес Македонија Скопје; 145 поени за ИН ТИМЕ МК БПС Скопје; 115 поени за ПНЛ Транслог Скопје; 60 поени за Јокам Пошта 2011 Дебарца; 175 поени за ДелЦО Скопје; 145 поени за Брза Пратка Скопје; 30 поени за Глобал Мессаге Скопје; 30 поени за ДМ – Јосифоски Прилеп; 40 поени за Екстра 03 Кавадарци; 30 поени за Балкан Деливери Сервис Скопје; 120 поени за ТПЛ Тотал пост Логистик Скопје; 30 поени за Бате Пере Експрес Скопје; 115 поени за Деливери Сервис Интернешенел Скопје; 120 поени за Пост Експрес Македонија; 90 поени за Ин Пошта Радески Скопје; 90 поени за Нова Пошта Скопје; 30 поени за Брза пратка Пост-М Логистик Тетово; 60 поени за Интернешенел Меил Деливери-ИМД  Скопје; 70 поени за М-Достава Скопје; 40 поени за Цикло Пошта Скопје; 60 поени за Еко Пошта Скопје; 175 поени за Еко Логистис Сервис Скопје; 50 поени за Анфиленд - подружница Брза пошта број еден Скопје; 60 поени за ВИП Пошта Скопје; 70 поени за Мекс Пошта Скопје, 120 поени за Фалкон Логистик -подружница Фалкон Логистик Курир (ФЛЦ) Скопје; 30 поени за План Експрес Скопје; 90 поени за Бе-Да Гроуп Скопје; 60 поени за МГС Деливери Скопје; 70 поени за Урбан Деливери Сервис Скопје; 70 поени за Еуро-Енерџи Тетово-подружница Еуро Карго Тетово; 30 за Сити експрес пошта Битола; 100 поени за Б-Пост Скопје-подружница Б-Пост Скопје; 75 поени за Колпортер Скопје; 65 поени за Нарачај Скопје; 90 поени за Виа Пост  Скопје и 120 поени за Postbox Прилеп, 30 поени за Пошта Пештан Експрес Охрид и 115 поени за Геники Тахидромики СМ Скопје.

Од се погоре наведено, Комисијата оцени дека вредноста на поенот во износ од 469, 2192 денари, пресметан и утврден како количник од приходите од контото 750 и вкупниот број на поени  на поштенскиот пазар е во согласност со членот 28 од Законот и членот 12 став 2 од Правилникот. Вредноста на поенот утврдена со оваа Одлука, ќе се применува при пресметување на годишниот надоместок за 2023 година за секој од давателите на поштенски услуги.

Поради се претходно наведено, Комисијата одлучи како во диспозитивот, а  согласно член 28 став 7 од Законот за поштенските услуги.

       Бр. 02-249/7  

28 ноември 2022 година

            Скопје                                                     

                                Агенција за пошти

                                                                                                                 Комисија

                                                                                           Борче Груевски, претседател, с.р.