Успешна реализација на информативниот караван „АП поблиску до корисниците на поштенски услуги!“
На 28-ми и 29-ти март, Агенцијата за пошти го реализираше пролетниот караван „АП поблиску до корисниците на поштенски услуги!“.
Целта на оваа кампања е да ја доближи работата на давателите на поштенските услуги пред пошироката јавност, како и да ја подигне јавната свест за начинот на користење на правата на корисниците на поштенските услуги.
Овој дводневен караван беше поддржан од Канцеларијата на Народниот Правобранител, со кого Агенцијата за пошти има склучено Меморандум за соработка.
Информативниот караван опфати 4 едукативни средби со граѓани, студенти, претставници од бизнис-секторот и давателите на поштенски услуги, во градовите Тетово, Кичево, Охрид и Битола.
На тематските работилници свое обраќање имаше директорот на Агенцијата за пошти проф. д-р Сретен Миладиноски кој ја истакна важноста на ваквите едукатвни средби кои се од големо значење за јавноста бидејќи преку нив на многу ефикасен начин се информираат граѓаните - корисници на поштенски услуги за остварување на нивните законски права, за нивните обврски како и за обврските на давателите на поштенските услуги.
Едукативните средби се одржаа по утврден дневен ред, на кои во својство на едукатори свои презентации имаа Олга Манчевска - Раководител на Директоратот за регулатива, Ана Ковачевска – Раководител на Директоратот за заштита на правата на корисниците и односи со јавноста лиценцирање и правни работи, Христина Трајчевска – Стручен советник за лиценцирање и Мартин Спасовски – Соработник за решавање на спорови.
Првата средба се оствари во Тетово чиј домаќин беше Економскиот факултет од „Универзитетот во Тетово“, на која деканот проф. д-р Брикенд Азири изрази задоволство што како образовна институција имаат чест да бидат дел од овој караван. Обраќање имаше и г-ѓа Вјолца Рушај - советник во подрачната тетовска канцеларија на Народниот Правобранител која говореше за соработката помеѓу двете институции како и за постапувањата по претставките од граѓаните -корисници на поштенски услуги.
Втората средба се оддржа на Правниот факултет во Кичево при Унивезритетот „Свети Климент Охридски“-Битола. Покрај едукативната средба, на факултетот во Кичево се потпиша и Меморандум за соработка помеѓу Агенцијата за пошти и Правниот факултет во Кичево претставен од деканката проф. д-р Светлана Вељановска. За надлежностите и за постапувањата по претставките од граѓаните, пред посетителите се обрати и Шкелкин Ријани - советник во подрачната канцеларија на Народниот правобранител во Кичево.
Третата едукативна средба се оствари во факултетскиот хаб на Факултетот за туризам и угостителство – Охрид при Унивезритетот „Свети Климент Охридски“-Битола, на која се обрати проф. д-р Бранко Николовски, продекан за настава кој меѓудругото истакна дека ваквите настани и соработки се од големо значење и за факултетите и за институциите, како и тоа дека поштенскиот сектор е важен сегмент од економијата на државата.
Четвртата средба која истовремено беше и последна, се оддржа на „Универзитетот Свети Климент Охридски“ во Битола. Обраќање на настанот имаше ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски и во својство на домаќин, од името на универзитетот се заблагодари за можноста на студентите, пред се од Правниот факултет, поблиску да се запознаат со законските права на корисниците и обврските кои ги имат давателите на поштенските услуги. Заменик Народниот правобранител г-ѓа Лилјана Илиевска, во свое обраќање меѓудругото истакна дека соработката помеѓу двете институции е на високо ниво и дека доколку граѓаните сметаат дека некое нивно право или интерес е засегнато, тие имаат можност да се обратат во овие институции.
На посетителите им се даде можност да поставуваат прашања поврзани со обезбедувањето на услугите како и да информираат за евентуални забелешки поврзани со доставата.
Информативниот караван ќе продолжи на есен низ градовите од источниот дел од државата.