Директорот Миладиноски за „Слободен печат“

sloboden pecat

Услов за буџетските пари е да го снема ценовниот монопол за писмата до 50 грама.

Дури и годинава да бидат усвоени измените на Законот за поштенски услуги, АД Пошта, може да побара компензација за трошоците за универзалната услуга за 2025 година во 2026 година. Агенцијата за пошти потоа ќе ги верификува пресметките и износот за државна помош да се испланира за во Буџетот во 2027 година. Процесот не е ниту едноставен, ниту брз, објаснува за „Слободен печат“, директорот на Агенцијата, Сретен Миладиноски, но сепак е единствен потврден механизам кој може да помогне да се надминат некои од проблемите во функционирањето на давателот на универзална услуга. И кога еднаш ќе почне, додава тој, не би требало да има натамошни застои во секоја од наредните години.

Од Агенцијата не сакаат да прогнозираат колкав ќе биде износот на државната помош, на која може да смета Поштата. За целата операција на исплата да може да започне, прво треба да ја снема резервираната услуга (ценовен монопол во корист на АД Пошта за писмата до 50 грама), а во меѓувреме АД Пошта да воведе одвоено трошковно сметководство. Пошта има акумулирана загуба од 18,7 милиони евра за 2022 година и 1.937 вработени на крајот од 2023 за чии бруто-плати се издвојувале 14,8 милиони евра, покажа ревизорскиот Извештај.

– Измените на законот се во завршна фаза и на нив се работи во континуитет, по што ќе почне постапката за негово донесување. Ако биде донесен до крајот на 2024 година, би можеле да очекуваме да се реализира претходно опишаното сценарио и да се случи исплата во 2027 година. Колку во нето-износ би изнесувала државната помош, без пресметките од АД Пошта не можеме точно и сега да кажеме – додава Миладиноски.

Усвојувањето на измените на Законот за поштенските услуги, покрај понатамошно усогласување со европското законодавство, утврдува и функционален модел за финансирање на универзалната услуга за надоместување на нето-трошоците на АД Пошта. Во моментот постои компензациски фонд, како модел на надоместувања на нето-трошоците на давателот на универзалната услуга, но тој е неприменлив. По направените анализи за надоместоците во земјите од регионот и пошироко, како најсоодветен модел за финансирање на универзалната услуга се покажала државната помош, која и би ја применила и нашата земја.

– Таквиот модел има широка примена во земјите од ЕУ и националните оператори со години добиваат субвенции од државниот буџет. Со предвидените измени на Законот на поштенските услуги се пропишува право на надоместок на нето-трошоците за давателот на универзалната услуга за кои е утврдено дека претставуваат неправедно финансиско оптоварување, како и постапка за верификација на пресметката на нето-трошоците за универзалната услуга. Со законот се утврдува моделот на државна помош за надоместок со средства кои на редовна основа ќе се планираат и исплатуваат од Буџетот. Според верификуваната пресметка на нето-трошоците ќе се утврди и точниот износ кој треба да биде надоместен. Практично тоа значи дека АД Пошта до Агенцијата за пошти ќе ги доставува своите пресметки за трошоците кои му се неоправдан финансиски товар за одржување на зададеното ниво на универзална услуга, секоја година, а Агенцијата за пошти ќе врши проверка и може да бара корекција. Кога Агенцијата за пошти конечно ќе изврши верификација на пресметките, ќе се знае и точната сума за компензација, односно за кој износ на нето-трошок треба да се изврши субвенционирањето од страна на буџетот – вели Миладиноски.

Преземено од https://www.slobodenpecat.mk/drzhavata-kje-%d1%9d-duvne-veter-vo-grb-na-poshtata-no-od-2027-ta/ .