Успешна реализација на есенскиот информативен караван „АП поблиску до корисниците на поштенски услуги!“
На 13-ти и 14-ти ноември, Агенцијата за пошти го реализираше есенскиот караван „АП поблиску до корисниците на поштенски услуги!“.
Целта на оваа кампања е да ја доближи работата на давателите на поштенски услуги пред пошироката јавност, како и да ја подигне јавната свест за начинот на користење на правата на корисниците на поштенски услуги.
Караванот беше поддржан од Канцеларијата на Народниот Правобранител, со кого Агенцијата за пошти има склучено Меморандум за соработка.
Информативниот караван опфати 3 едукативни средби со граѓани, претставници од месните заедници, давателите на поштенски услуги и тоа во градовите Велес, Штип и Струмица.
На тематските работилници свое обраќање имаше директорот на Агенцијата за пошти проф. д-р Сретен Миладиноски кој ја истакна важноста на ваквите едукатвни средби кои се од големо значење за јавноста бидејќи преку нив на многу ефикасен начин се информираат граѓаните - корисници на поштенски услуги за остварување на нивните законски права, за нивните обврски како и за обврските на давателите на поштенските услуги.
Едукативните средби се одржаа по утврден дневен ред, на кои во својство на едукатори свои презентации имаа Олга Манчевска - Раководител на Директоратот за регулатива, Ана Ковачевска – Раководител на Директоратот за заштита на правата на корисниците и односи со јавноста лиценцирање и правни работи, Христина Трајчевска – Стручен советник за лиценцирање и Мартин Спасовски – Соработник за решавање на спорови.
Првата средба се оствари во Велес чиј домаќин беше Јуроп Хаус – Велес, додека втората средба се оддржа во НУ – Универзитетска библиотека „Гоце Делчев“ во Штип на која за надлежностите и за постапувањата по претставките од граѓаните, пред посетителите се обрати и Емилија Андонова - државен советник во подрачната канцеларија на Народниот правобранител во Штип која истакна дека соработката помеѓу двете институции е на високо ниво и дека доколку граѓаните сметаат дека некое нивно право или интерес е засегнато, тие имаат можност да се обратат во овие институции.
Третата едукативна средба која беше и последна средба од есенскиот караван, се оддржа во Јуроп Хаус – Струмица. На истата се обрати Славчо Тимов - државен советник во подрачната канцеларија на Народниот правобранител во Струмица.
На посетителите им се даде можност да поставуваат прашања поврзани со обезбедувањето на услугите како и да информираат за евентуални забелешки поврзани со доставата.
Исто така од страна на претставниците од Агенцијата како и од канцеларијата на Народниот правобранител беа дадени изјави на локалните медиуми.