Евиденцијата за поштенските услуги задолжително да ги содржи адресните податоци на примач и на испраќач (име и презиме/назив за физички и правни лица и нивни полни адреси)
Следејќи го развојот на поштенскиот пазар, потребите на корисниците и предизвиците со кои се соочуваат сите чинители во поштенската област, Агенцијата за пошти превзема регулаторни мерки за воедначување на обврските на давателите на поштенските услуги, со цел создавање услови за фер конкуренција во поштенскиот сектор и намалување на сивата економија.
Во таа насока, почнувајќи од 01 Ноември 2019 година, Агенцијата за пошти ги задолжи сите носители на Општи овластувања кои работат во внатрешниот и меѓународниот поштенски сообраќај, без оглед на датумот на издавање на Општите овластувања, доследно да ги извршуваат следните обврски:
- Задолжително пополнување на полињата со сите адресни податоци за испраќач и примач во потврдите (адресниците) за услугите за препорачаните, пратки со означена вредност, и пратките со откупнина во моментот на прием на пратките;
- Ажурно и уредно водење на евиденцијата за поштенските услуги кои ги обезбедуваат од почеток до крај, на дневна основа, на начин со кој ќе се обезбеди интегритет на записите (електронски или на хартија);
- Евиденцијата за услугите за препорачаните и за пратки со означена вредност, како и на дополнителните услуги за пратки со откупнина задолжително да ги содржи адресните податоци на примач и на испраќач (име и презиме/назив за физички и правни лица и нивни полни адреси);
- Документирање на препорачани услуги, вредносните услуги, експресните, како и на услугите за пратки со лична достава;
- Поштенската документација (адресници, доставни книги, дневни задолжувања на курири и слично) за услугите од точка 2 да се чува најмалку 1 година сметано од завршување на доставата (скенирани во електронска или во хартиена форма), и
- Обврските за задолжително евидентирање и документирање не се однесуваат на поштенските услуги за обични писма кои се доставуваат во куќно поштенско сандаче.
Агенцијата за пошти повторно потсетува и укажува за доследно почитување на зададените обврски по однос на поштенската евиденција, документирање и нејзино чување, со посебен акцент дека секое постапување кое не е во согласност со пропишаните обврски соодветно ќе биде санкционирано во законска постапка.