Ексклузивното право на давателот на универзална услуга да обезбедува резервирани поштенски услуги продолжено до 31 декември 2024 година
Агенцијата за пошти, независно регулаторно тело во областа на поштенските услуги информира дека Собранието на Република Северна Македонија на седницата одржана на 27 декември 2023 година го донесе Законот за изменување на Законот за поштенските услуги (објавен во “Службен весник на Република Северна Македонија бр.284/2023)“, со кој давателот на универзалната услуга од денот на влегувањето во сила на овој закон (28 декември 2023 година) му се продолжува ексклузивното право да обезбедува резервирани поштенски услуги до 31 декември 2024 година.Со оваа измена, останува во сила ценовниот монопол за услугите за писма до 50 грама, кој е воспоставен со закон во корист на давателот на универзалната услуга - АД „Пошта на Северна Македонија“ – во државна сопственост - Скопје, која за истата услуга има регулирана цена од 36,оо денари по писмо, одобрена од регулаторот.
Тоа значи дека лиценцираните даватели на поштенски услуги можат да ги обезбедуваат услугите од опфатот на резервираните услуги по цена која е два и половина пати повисока од цената по која давателот на универзална услуга ги обезбедува пратките за кореспонденција од стандардна категорија во првата тежинска стапка.
Воедно, напомнуваме дека Агенцијата за пошти во повеќе наврати укажуваше на последиците кои би настанале од евентуалното усвојување на Предлог на Законот за изменување на Законот за поштенските услуги, како и на негативните економски ефекти од ваквите околности, врз поштенскиот сектор.