ЕВРОПСКА НЕДЕЛА НА МОБИЛНОСТ - ДЕН НА ЗЕЛЕНА ДОСТАВА

 

Агенцијата за пошти заедно со Делегацијата на Европската Унија и Јуроп хаус, најавуваат активности во рамки на Европската недела на мобилност 2024. Активностите ќе се одржат на 19-ти септември (четврток), под мотото „Ден на зелена достава,“ а иницијативата е насочена кон поддршка на одржлива урбана мобилност и заштита на животната средина.

Националниот давател на универзалната услуга АД Пошта на Северна Македонија, како и седум лиценцирани даватели на поштенски услуги : Карго Експрес ДООЕЛ увоз извоз Битола, ДХЛ Експрес Македонија ДООЕЛ Скопје, ИН ТИМЕ МК БПС ДОО Скопје (UPS), ТПЛ Тотал Пост Логистик ДООЕЛ Скопје, ИН ПОШТА РАДЕСКИ ДООЕЛ Скопје, ЕКО ЛОГИСТИК СЕРВИС ДОО Скопје и ВИА ПОСТ ДООЕЛ Скопје, ќе ја поддржат оваа иницијатива преку употреба на еколошки транспортни средства (велосипеди, електрични тротинети, достава пеш итн.), за достава на поштенските пратки до граѓаните. Оваа активност ќе помогне во намалувањето на загадувањето и ќе придонесе кон подобрување на животна средина. Воедно, иницијативата ќе се организира и ширум земјата, односно во сите региони каде ќе има достава, а меѓу другите и во дел од градовите од Јуроп хаус мрежата: Скопје, Струмица, Битола, Струга и Тетово.

„Ден на зелена достава“ има за цел да промовира алтернативен и одржлив начин на достава на поштенски пратки, кој е пријателски настроен кон природата и граѓаните.  Преку оваа иницијатива, давателите на поштенските услуги ќе ја покажат својата општествена одговорност и заложба за подобра мобилност и почиста животна средина.

Европската недела на мобилност е кампања основана од страна на Европската комисија за подигање на свеста за одржлива урбана мобилност. Оваа иницијатива има за цел да поттикне промени во навиките, промовирајќи активна мобилност, чист јавен превоз, како и други интелигентни транспортни решенија. Главните активности се одвиваат секоја година помеѓу 16-ти и 22-ри септември, а завршуваат со популарниот „Ден без автомобили“.