Давател на поштенски услуги е домашно или странско правно или физичко лице кое обезбедува поштенски услуги согласно со правата и обврските предвидени со Законот за поштенски услуги и Општото овластување.
Давател на универзална услуга е давател на поштенски услуги кој обезбедува универзална услуга на територијата на Република Македонија во согласност со правата и обврските предвидени во индивидуалната дозвола.
Давателот на поштенски услуги не смее да ги пренесе правата и обврските дадени во Општото овластување на друго правно или физичко лице.
Давателот на универзалната услуга не смее да ги пренесе правата и обврските дадени во Општото овластување на друго правно или физичко лице.
- Обезбедувањето услуги во прием и/или достава на поштенски пратки во внатрешен поштенски сообраќај, кое го врши друго правно или физичко лице во име и за сметка на давателот на универзалната услуга врз основа на договор за услуги, не се смета за пренесување на правата и обврските дадени во индивидуалната дозвола.
Давателите на поштенски услуги се должни да донесат општи услови за обезбедување на поштенски услуги и да формираат цени за поштенските услуги кои ги обезбедуваат. Давателите на поштенски услуги се должни цените и услугите да ги достават до Агенцијата за пошти и да ги објават во своите просториите на видно место.
Секоја измена на цените и општите услови давателите ги доставуваат во Агенцијата во рок од три дена од извршената промена.
Резервираните поштенски услуги на пратките за коресподенција со тежина до 50 грама, давателите на поштенски услуги имаат право и обврска да ги обезбедуваат единствено по цена најмалку два и пол пати повисока, од цената по која давателот на универзална услуга ги обезбедува поштенските услуги на пратките за коресподенција од стандардна категорија во прва тежинска стапка.
Давателот на поштенски услуги е должен поштенските пратки да ги достави во станот односно деловните простории на примачот, по правило лично на примачот или лице овластено од примачот во правното лице или во куќно поштенско сандаче за достава или во деловните простории на давателот на поштенски услуги.
Условите и начинот на достава на поштенските пратки поблиску се уредени со општите услови на давателот на поштенските услуги.
Давателите немаат право да обезбедуваат поштенски услуги кои не се наведени во Општото овластување.
Давателите на поштенски услуги се должни да обезбедат неповредливост на тајноста на поштенските пратки.
Давателите на поштенски услуги се должни да обезбедат неповредливост на тајноста на поштенските пратки и по завршување на активноста во кое биле обврзани да ја обезбедат тајноста.
Давателите на поштенски услуги се должни да ги заштитат личните податоци на корисниците на поштенски услуги, кои ги собираат, обработуваат и ги користат при обезбедувањето поштенски услуги, согласно со прописите за заштита на личните податоци.
Давателите на поштенски услуги немаат право да користат поштенски марки, стандардизирани поштенски пликови и картички со втиснати поштенски марки кои ги издава и ги користи давателот на универзална услуга.
Давателите на поштенски услуги се одговорни за штетата настаната на препорачана поштенска пратка, пратка со означена вредност и пакет во случај на:
- Губење, ограбување или оштетување на пратката, и
- Пречекорување на рокот за достава.
Давателите на поштенски услуги нема да бидат одговорни (по исклучок) ако докажат дека:
- Истите се предизвикани од виша сила;
- Се по вина на испраќачот;
- Надлежен орган ја одзел или ја уништил поштенската пратка што содржи забранети предмети или материјали;
- Корисникот на поштенски услуги со измама ја осигурал содржината на поштенската праткаво износ кој ја надминува вистинската вредност на содржината;
- Поштенската пратка не е доставена како последица на неточна адреса;
- Корисникот на поштенските услуги не направил рекламација согласно со членот 63 од Законот за поштенски услуги.
Давателите на поштенски услуги се должни на корисникот на поштенски услуги да му исплати надоместок за настаната штета, и тоа:
- За губење или целосно оштетување на:
- Поштенска пратка со означена вредност во висина на нејзината означена вредност, и
- Препорачана поштенска пратка и пакет, 15 пати од износот платен за услугата.
(Во овие случаи, покрај надоместокот, давателот на поштенски услуги е должен да го врати и износот уплатен за услугат, намален за износот платен за препорачано ракување или ракување со за пратка со означена вредност)
- За делумно оштетување на поштенската пратка или ограбување на пратка:
- За поштенска пратка со означена вредност во висина на нејзината стварна настаната штета, не поголема од означената вредност, и
- За препорачана поштенска пратка и пакет, 10 пати повеќе од износот платен за услугата.
- За пречекорување на рокот за достава на:
- Приоритетни поштенски пратки се плаќа 10 пати од износот платен за услугата;
- Неприоритетни поштенски пратки се плаќа 5 пати од износот платен за услугата.
Ако покрај пречекорување на рокот на достава на препорачана поштенска пратка, пратка со означена вредност и пакет настане и делумно оштетување или ограбување на пратката, од давателот на поштенските услуги не може да се исплати надоместок поголем од означената вредност на поштенската пратка.
Давателите на поштенски услуги не се одговорни за индиректно настанатата штета на поштенските пратки.
Давателот на поштенски услуги има право однапред да ја наплати поштарината, ако во договор со корисникот не е поинаку договорено, според ценовникот за обезбедување на поштенски услуги.
Давателот на поштенски услуги може да изврши увид во содржината на пратката на прием, пред нејзино затворање, а корисникот е должен да му овозможи увид, освен ако станува збор за пратка чија содржина е писмен текст.
Доколку поштенската пратка не ги содржи адресните податоци на испраќачот и примачот, давателот на поштенски услуги е должен да бара од корисникот да ги отстрани недостатоците во адресирањето, а доколку корисикот не постапи по барањето, давателот е должен да го одбие приемот на пратката.
Обврска и одговорност на давателот на поштенски услуги да го одбие приемот на пратката доколку процени дека амбалажата во која е спакувана пратката не одговара на природата и содржината на пратката т.е. да не може да обезбеди тајност на податоците при преносот.
Кога постои основано сомневање дека во поштенската пратка има забранети предмети, давателот е должен да ги извести надлежните органи.
По приемот на поштенската пратка, давателот е должен на испраќачот да му издаде потврда за прием на пратката (адресница) која мора да ги содржи сите елементи врз основа на кој може да се утврди идентитетот на пратката - име и презиме на примачот, број на пратката, датум на приемот, вредност, наплатена поштарина и други податоци за пратката.
Давателите се должни да вршат евидентирање на поштенските услуги за пратките на дневна основа, соодветно документирање на препорачани пратки, пратки со лична достава и пратки со означена вредност и да воведе систем за континуирано мерење на обемот на извршени поштенски услуги, по видови на пратки. За услугите за пратки со откупнина евиденцијата задолжително да содржи податоци за идентификација на испраќачот по име/назив и адреса.
Давателите се должни врз основа на податоците од евиденцијата да поднесат писмен Извештај до Агенцијата со релевантни податоци за обезбедувањето на поштенски услуги двапати годишно и тоа за првата половина од календарската година до 01 септември, а за втората до 01 март наредната година. Неподнесувањето Извештај е прекршок кој се санкционира согласно Закон.
Давателите на поштенски услуги се должни да водат евиденција за бројот на поднесените рекламации и начинот на нивното решавање, а податоците за бројот и начинот на решавањето да ги достават до Агенцијата. Добиените податоци од давателите на поштенски услуги, Агенцијата ги објавува на својата веб страна.
Во меѓународниот поштенски сообраќај, давателите на поштенски услуги одговараат во согласност со меѓународните акти кои ги склучила односно пристапила Република Северна Македонија.