Ценовни ограничувања за давателите на поштенски услуги

Агенцијата за пошти, регулаторно тело во поштенскиот сектор, со јавни овластувања согласно Законот за поштенските услуги, информира за одредени аспекти од наша надлежност, кои се или би можеле да се поврзани со работата на државните органи, единиците на локалната самоуправа и од нив основани јавни претпријатија (во натамошниот текст: институции и претпријатија) кога истите како корисници на поштенски услуги испраќаат писма по пошта.

Поштенски услуги на територијата на Република Северна Македонија, може да даваат единствено правни и физички лица кои поседуваат дозвола, издадена од Агенцијата за пошти. Кога институциите и претпријатијата, своите писмени акти и сметките за своите услуги ги доставуваат сами, односно преку свои вработени, тогаш доставата е за сопствени потреби и не се смета за поштенска.

Секоја друга достава на пратки (адресирани со полна адреса на примачот на обвивката-ковертот),за која институциите и претпријатијата ангажираат нелиценцирани правни или физички лица е забранета и се санкционира со глоба за прекршок од член 80 став 1 алинеја 4 и став 2  од  Законот за поштенските услуги.

Исто така, кога институциите и претпријатијата ангажираат лиценцирани приватни даватели на поштенски услуги треба особено да внимаваат на фактот дека за тие даватели постојат ценовни ограничувања уредени како резервирана област со Законот за поштенски услуги.

Имено, ценовниот монопол за услугите за писма до 50 грама (какви што се најчесто сметките од јавните претпријатија) е воспоставен со закон во корист на АД Пошта на Северна Македонија, која за истата услуга има регулирана цена од 25 денари по писмо, одобрена од регулаторот. Оваа единечна цена за обично писмо на националниот давател на универзална услуга е најниска на домашниот поштенски пазар. 

Другите лиценцираните даватели на поштенски услуги за истата поштенска услуга не смеат да наплаќаат единечна цена пониска од 62,5.денари,според моменталните цени кои се во примена од 01.03.2020 година.

Напоменуваме дека Агенцијата за пошти е надлежна и за надзор над спроведување на Законот, па во случај на констатиран прекршок за непочитување на ценовниот монопол од член 80 став 1 алинеја 6 од Законот,Агенцијата освен санкцијата со глоба, може да наложи и мерка прекин на спорните поштенски услуги, како и да ја одземе дозволата за работа на давателот на поштенски услуги кој  нуди и обезбедува услуга пониска од 62,5 денари  по писмо. Следствено, ваквите мерки од Агенцијата кон давателите на поштенски услуги ќе значат и прекинување на евентуално склучените договори меѓу нив/давателите и институциите и претпријатијата.

Од тука, во насока на почитување на Законот за поштенски услуги, цениме дека наведените информации ќе бидат од корист и за сигурноста и за одржливоста на облигационите обврски за испорака на писмени акти и сметки до крајните корисници по пошта.

За сите дополнителни информации, Агенцијата за пошти  ја  изразува својата целосна подготвеност за соработка за области од наша надлежност.