НЕМА ПОВЕЌЕ МОНОПОЛ НА ПОШТЕНСКИОТ ПАЗАР

Од 01.01.2021 година, настапи целосна  либерализација на поштенскиот пазар во Република Северна Македонија.

Почнувајќи од 01.01.2021 година престанаа да постојат ценовните монополи за поштенските услуги за пратките за коресподенција и пратките со директна пошта, со маса до 50 грама, односно резервираните услуги кои беа загарантирани со Законот за поштенските услуги.

Целосната либерализација на поштенскиот пазар значи дека АД Пошта на Северна Македонија Скопје нема повеќе ексклузивно право, ниту ценовен монопол за конкретните услуги, а приватните даватели на поштенски услуги можат слободно, по пазарни услови да ги формираат цените за нивните поштенски услуги за писма со маса до 50 грама.

            Гледано од страната на корисниците, либерализацијата во поштенскиот сектор значи можност и право на корисниците на поштенски услуги за избор на поштенски услуги и на давател на поштенски услуги, вклучително и на услугите за писмата до 50 гр., секој според своите потреби и според други критериуми (достапност, квалитет, флексибилност), а не само според цената.

Во овој особено значаен момент на либерализација во поштенската сектор, значаен и за македонската економија воопшто, кој што настапува по неколкукратно одложување, вреден за споменување е фактот дека укинувањето на монополот воспоставен во 2002 година во корист на давателот на универзална услуга- тогаш АД Македонска пошта Скопје, сега Пошта на Северна Македонија АД Скопје, се одвиваше постепено согласно програмските определби на државата.

Од 2002 до 2007 година резервирани беа услугите за писма со тежина од 350 грама, а во 2008 година истите се намалија на 100 грама.

Од 2009 година следуваше повторно намалување до 50 грама, состојба која егзистираше се до 31.12.2020 година.

Процесот на либерализација на пазарот на поштенски услуги започна пред повеќе од 13 години како резултат на заложбите на земјата за исполнување на обврските од членството во Светската Трговска Организација и аспирациите кон европските интеграции. Тогаш, Владата ја донесе Стратегијата за развој на поштенскиот сектор во Република Македонија 2007-2010 година, а Законот за поштенските услуги од 2008 година е првата националната правна рамка со која се транспонираа одредбите од поштенските Директиви на Европскиот Парламент и Совет бр.(97/67/EC), (2002/39/EC) и (2008/06/EC). Првично, во 2008 година, датумот за настапување на целосна либерализација беше дефиниран за 2012 година.

 

1

 

 

Со Законот за поштенските услуги се основа и Агенцијата за пошти како независно регулаторно тело (кое би се грижело за ценовната политика, интересите и правата на корисниците, но пред сè, заради донесување на регулаторната рамка и за олеснување на процесот на целосна либерализација на поштенскот пазар во државата), која стана функционална во ноември 2008 година како институција со исклучителни надлежности во поштенскиот сектор, во насока на поттикнување, промовирање и развој на конкуренцијата.

Иако либерализацијата настапи многу подоцна од првично пропишаниот датум 01.01.2012 година, задоволни сме што заложбите и активностите на Агенцијата за пошти во изминатиот период од 12 години, за развој на ефективна и динамична конкуренција и либерализација во секторот, конечно имаат позитивен епилог.

Вредно е да се истакне дека и во услови на традиционално изградена свест за една и единствена пошта, на доминантен поштенски оператор со значителна пазарна моќ и со тешко совладлива почетна ценовна предност во резервираната област, во меѓувреме, сите овие 12 години конкуренцијата успеваше да ги препознае барањата на корисниците и да работи на себе позиционирање и во таа област. Денес, понудата на пазарот  ја сочинуваат портфолијата на поштенски услуги на вкупно 41 приватни лиценцирани даватели на поштенски услуги, со растечки пазарен удел во домашните услуги за пакети.

            Должни сме да посочиме и дека АД Пошта на Северна Македонија Скопје, со лиценца од највисок ранг - Индивидуална дозвола и натаму е давател на универзална услуга, со обврска да го извршува сетот на основни поштенски услуги, преку сопствената мрежа, низ целата територија на државата и во меѓународниот сообраќај по цени регулирани од Агенцијата за пошти.