Британски поштенски експерт сподели искуства со Македонска Пошта
Македонската пошта го покани Дерек Озборн, долгогодишен менаџер на британската Кралска пошта и советник на некои од најголемите пошти низ светот, да ги сподели своите искуства и да даде совети за модернизирање на начинот на кој функционира и Македонската пошта.
Озборн изминативе денови одржа предавања за менаџерите и регионалните директори на Македонска пошта и се запозна со структурната поставеност и работните процеси на поштата во Македонија. Озборн, кој советувал некои од светските гиганти како што се поштите на Индија и Јужна Африка, како и некои од најсовремените западноевропски поштенски системи, исто така ги пренесе своите искуства за трендовите во оваа индустрија, која колку што е погодена од подемот на интернетот како средство за комуникација, толку и може да го искористи како начин за влегување во 21 век.
Поштата има свој удел во десетина клучни индустриски гранки, во малопродажбата, банкарството, логистиката, маркетингот... Само продажбата преку интернет во некои пазари бележи пораст од 200 проценти годишно, и поштите низ светот кои се отворени за промени можат да ги искористат овие трендови за да овозможат брза и сигурна испорака на производите купени преку интернет, изјави Озборн за МИА.
Британскиот експерт посочи дека тренд во европските земји е на поштата да се гледа како на алатка која ќе им овозможи на малите и средни претпријатија, кои нудат квалитетни производи, но не се доволно познати, да допрат до муштериите во разните делови на земјата преку директно рекламирање или преку лесна и постојана испорака на производите. - Малите и средните претпријатија се крвотокот на секоја економија, и секој чекор што може да им помогне полесно да пристапат до потрошувачите ја помага економијата во целина, додаде Озборн.
На средбите со македонските менаџери Озборн го пренесе искуството на италијанската пошта, каде менаџментот успеал да го крене угледот на компанијата и за кусо време, со промовирање на поштата како место кое е отворено за креативни и амбициозни менаџери и работници, од традиционален јавен сектор да ја претвори во динамична компанија во која е престиж да се работи што и овозможило и на поштата да го подобри квалитетот на услугите кои ги нуди.
Британскиот експерт воедно оцени дека една од можностите за развој на македонската пошта е да се фокусира на квалитетот на услугата, нудејќи услуги кои ќе бидат посебно прилагодени кон клиентите - од флексибилните можности за испорака на документи и пратки, до опцијата за маркетинг на производи како што се автомобили или електроника до одбрани потрошувачи. Македонската пошта доби предлози и идеи и за некои технички прашања, како што е организирањето на системот за електронско следење на пратките, што е слаба точка на сите национални поштенски оператори, во споредба со меѓунационалните компании, но и за некои неочекувани потенцијални извори на приходи како што е филателијата.
Превземено од