Официјално завршување на Твининг проектот "Зајакнување на капацитетите на Агенцијата за пошти"
На 02 јуни, со одржување на последната работилница од Компонента 2 која се однесува на одредување на систем за посебно сметководство и алокација на трошоци, модел за пресметка на нето трошоци на универзалната услуга и модел за политика на цени, официјално заврши Твининг проектот "Зајакнување на капацитетите на Агенцијата за пошти".
Препознавајќи ја потребата од подобрување на регулативата за поштенски услуги во земјата, Европската Унија, преку Инструментот за претпристапна помош, го финансираше Твининг проектот "Зајакнување на капацитетите на Агенцијата за пошти". Времетраењето на проектот беше 18 месеци (декември 2018 - јуни 2020 година).
Главните партнери од земјата-членка на Европската Унија беа Министерството за транспорт, мобилност и урбани работи на Кралствотот Шпанија, преку министерското одделение за транспорт и јавни работи и Меѓународната Иберо-Американска фондација за администрација и јавни политики (FIIAPP) од Шпанија.
Покрај, Агенцијата за пошти како независно регулаторно тело, корисници на проектот беа и давателот на универзална услуга. А.Д. Пошта на Северна Македонија и Министерството за транспорт и врски, кои активно учествуваат и имаа големи придобивки и бенефит од самиот проект.
Главната цел на проектот беше јакнење на капацитетите на Агенцијата за пошти во согласност со барањата кои произлегуваат од националната легислатива, како и од Европската Поштенска Директива.
Твининг проект се состоеше од 5 компоненти, и секоја од нив покриваше различни области од надлежностите на Агенцијата за пошти.
👉Првата компонента ја опфати проблематиката на „Креирање на стратешки документи и процедури“. За изработка на јавните политики за поштенскиот сектор во Република Северна Македонија од суштинско значење е, покрај познавањето на поштенскиот пазар (волумен, трендови и сл.),различните чинители од секторот (регулаторното тело, давателот на универзална услуга, давателите на поштенски услуги, надлежното Министерство),дијагностицирање на нивната првична регулаторна состојба, правната и законодавната рамка, и следењето на трендовите и најдобрите практики во рамките на Европската унија, со цел да се направат потребните измени за нејзината идна интеграција во законодавството на заедницата.
👉Втората компонента се однесуваше на одредување на систем за посебно сметководство и алокација на трошоци, модел за пресметка на нето трошоци на универзалната услуга и модел за политика на цени. Во областа на поштенските услуги, Директивата 2008/6/ЕЗ на Европскиот парламент и на Советот во преамбулата утврдува обврска за земјите – членки, давателите на универзалната услуга да водат посебни и транспарентни сметки, со потребни прилагодувања. Гореспоменатата Директива, во член 14, утврдува дека давателот на универзална услуга, во својот сметководствен систем, ќе води одделни сметки што се разликуваат помеѓу секоја од услугите што се дел од универзалната услуга и другите услуги што не се дел од неа. Тоа значи дека давателот на универзалната услуга има обврска да води посебно сметководство, односно да изврши алокација на трошоците и приходите за секоја од услугите кои ги обезбедува во рамките на универзалната услуга, со цел нивно диференцирање од останатите услуги кои ги обезбедува.
Имплементирањето на систем за посебно сметководство и алокација на трошоците има значителен бенефит и за регулаторот и за давателот на универзалната услуга.
Имено, со имплементирањето на овој систем, давателот на универзалната услуга ќе располага со податоци за остварениот финансиски резултат и реализираните трошоци и приходи во секој сегмент од неговиот комплексен процес, инфраструктура и портфолио на услуги, што е основа за успешно менаџирање и донесување на краткорочни како и долгорочни стратегиски одлуки. Исто така, овој систем ќе му овозможи на давателот на универзалната услуга да развие сценарио, односно да го пресмета нето трошокот за обезбедување на универзалната услуга, што претставува неправеден финансиски товар и кој треба да се надомести согласно регулативата. Овој трошок е резултат на обврските на давателот за почитување на прописите за деновите на достава (пет дена во неделата), квалитетот (роковите) на достава, цените за поштенските услуги и други обврски пропишани во регулативата. Со надоместувањето на овој неправеден финансиски товар, би требало значително да се подобри целокупната финансиска состојба на давателот на универзалната услуга. На крајот, имплементирањето на систем за посебно сметководство и алокација на трошоците ќе му овозможи на давателот и подобра ценовна политика, базирана на прецизни пресметки и податоци, што исто така би влијаело позитивно на финансиските резултати од работењето на истиот.
Од регулаторен аспект, имплементирањето на овој систем е исклучително значајно во насока на развивање и унапредување на регулативата, аргументирано потврдување на неправедниот финансиски товар, како и цените на услугите во рамките на универзалната услуга, врз основа на детални, прецизни и реални податоци за реализираните приходи и расходи на давателот на универзалната услуга. Сето тоа, ќе води кон поуспешна и поквалитетна реализација на најзначајните надлежности на регулаторот, како регулација на цените на универзалната услуга и промовирање на конкуренција и развој на поштенскиот пазар.
👉Третата компонента се однесуваше и даде придонес кон зајакнување на инспекциската улога на Агенцијата за пошти, со резиме на препораки што може да се применат во Агенцијата за пошти, како дел од Годишната програма за надзор, за полесно справување со предизвиците со кои ќе се соочи Агенцијата во однос на поштенската инспекција при пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија како рамноправна земја членка.
👉Со Четвртата компонента се воспоставија критериуми и регулаторни препораки за инсталирање на куќни поштенски сандачиња, во согласност со стандардот EN 13724. Конечната цел на оваа компонента треба да биде ставена во глобалниот контекст на квалитетот на поштенската услуга. Доколку целта е да се постигне квалитет на испорака споредлив со просекот на земјите од Европската унија, неопходно е граѓаните да имаат поштенски сандачиња што овозможуваат да ги примат своите пратки, избегнувајќи оштетувања при одложувања што значително го влошува квалитетот на доставата.
👉Петтата компонента се однесуваше на подобрување на капацитетите за специфична анализа на пазарот, и истата поради состојбата на пандемијата предизвикана од КОВИД 19 вирусот, не беше реализирана.
Реализирани активности во рамките на Твининг проектот
10-те работилници ги спроведоа лидерите на компонентите од Шпанија, како и „повремени/краткотрајни“ експерти во областа за која беа ангажирани - вработени во Министерството за развој на Шпанија и националниот поштенски оператор Кореос. На крајот од секоја компонента, од страна на експертите беа изготвени Прирачници со најдобрите практики,вклучително и шпанското искуство, со препораки за подобрување и потребните предуслови за прилагодување на регулаторна рамка на Агенцијата за пошти.
Во рамките на Твининг проектот, се одржаа и работни состаноци со претставници на со членовите на Комисијата за транспорт, врски и екологија при Собранието на Република Северна Македонија, Државниот секретар и претставници од Министерството за транспорт и врски на Република Северна Македонија, генералниот директор и членови на Управниот одбор и стручните служби на компанијата како и со Претседателот на Комисијата на Агенција за пошти и членовите на Комисијата. На состаноците се истакна дека взаемната соработка и размената на информации на сите институции кои во делокругот на своето работење ја имаат поштенската област, поткрепени со придобивките од проектот ќе овозможат заедно да се реализираат предвидените цели. Либерализација на поштенскиот пазар, воведување на посебното сметководство и алокација на трошоците од страна на националниот оператор како и вложување во поштенскиот сектор се клучните пораки кои се упатија и подржаа од страна на сите учесници на работните средби.
Јавната кампања "Твојата пратка во безбедно сандаче" имаше за цел подигање на свеста кај корисниците на поштенски услуги за потребата од поставување куќни поштенски сандачиња. Во законот за поштенски услуги регулирана е (Член 55) - обврската за поставување куќни поштенски сандачиња од страна на корисниците на поштенските услуги
§ Примачот на поштенските пратки е должен да обезбеди поставување и одржување на куќно поштенско сандаче на влез на семејна или индивидуална станбена зграда, односно на влез на деловен простор, во кое ќе му бидат доставувани поштенските пратки.
§ Куќното поштенско сандаче треба да го носи бројот (адреса) на семејната или индивидуалната станбена зграда или бројот на деловните простории.
§ Куќните поштенски сандачиња од ставот (1) на овој член треба да се одржуваат од страна на примачот на начин кој ќе обезбеди сигурна достава на поштенските пратки.
Оваа кампања се состоеше од реализација на институционални и промотивни видеа кои беа поставени на веб-каналите/страните што се најпосетувани од страна на граѓаните на Северна Македонија. Серија флаери беа отпечатени и дистрибуирани од страна на давателот на универзалната услуга до корисниците на поштенските услуги односно граѓаните.
"Подобрена регулација на поштенскиот пазар во очекување на целосна либерализација, целосна имплементација на европското законодавство во областа на поштенските услуги, до зачленување на земјата во Европската Унија, препораки за подобрување на постојните процедури, основа за понатамошни активности и развој,зајакната улога на Агенцијата во областа на надзор над поштенските оператори, определен соодветен систем за посебно сметководство и алокација на трошоци, бенефит од обуките и работилниците за вработените од трите институции затоа што со високо мотивиран, професионален, образован и обучен персонал, ќе биде можно да се одговори не само на сегашните динамични побарувања од мисијата на поштенскиот сектор" - се резултатите од имплементацијата на Твининг проектот – посочи директорката на Агенцијата за пошти, Билјана Аврамоска Ѓореска.
Огромна благодарност до сите партнери во Твининг проектот - Делегација на Европска Унија во Скопје, Министерството за транспорт, мобилност и урбани работи на Кралствотот Шпанија и Меѓународната Иберо-Американска фондација за администрација и јавни политики (FIIAPP), за професионалната соработка, поддршката и придонесот, Твининг проектот "Зајакнување на капацитетите на Агенцијата за пошти", да биде успешна приказна.