Оддржан 26-ти Пленарен состанок на Групата на европски поштенски регулатори и Работилница на тема: Ранлива категорија на корисници во поштенскиот свет

 

На 20 јуни 2024 година во Виена, Австрија се одржа работилница на тема “Ранлива категорија на корисници во поштенскиот свет: Кој? Кои потреби? Што е следно? на која воведно излагање имаше г-дин Клаус M.Стеинмауререр -извршен директор на регулаторното тело на телекомуникации и пошти на Австрија (Austrian Regulatory Authority for Broadcasting and Telecommunications - RTR), како и г-дин Ден Сјоблом- директор и претседавач на ЕРГП - Групата на европски поштенски регулатори.

Работилницата имаше за цел да ги истакне проблемите со кои се соочуваат ранливите категории на корисници на поштенски услуги и зошто тие се сметаат за ранлива категорија на корисници. Интересен аспект е согледувањето на нивните потреби при користење на поштенски услуги и тоа што недостасува во поштенскиот сектор за да ги подржи ранливите корисници.

На работилницата беа споделени искуства кои поштенски услуги се нудат, како и кои регулаторни мерки може да се преземат со цел да се заштитат и да се помогне на оваа категорија на корисници.

На 21 јуни 2024 година се одржа и 26-ти Пленарен состанок на Групата за европски поштенски регулатори (ЕРГП), под претседателство на г-дин Ден Сјоблом.

На Пленарната седница и на Работилницата учествуваше и Агенцијата за пошти како регулаотрно тело за поштенски услуги во Република Северна Македонија, преку своите претставници д-р Сретен Миладиноски, директор на Агенцијата за пошти, г-дин Суад Бајрами, заменик претседател на Комисија на агенцијата, д-р Данијела Спасиќ Томовска и м-р Ана Ковачевска раководителки во агенцијата.

Од страна на извршниот директор на на регулаторното тело на телекомуникации и пошти на Австрија  г-дин Клаус M.Стеинмауререр беше споделена информација за развој на поштенскиот пазар во Република Австрија, како и од страна на ЕРГП секретаријатот, претставникот  г-дин Роберт Почмарски се прикажаа новитетите кои се планираат во поштенскиот сектор од страна на Европската комисија. Воедно, тој ја истакна важноста на Одлуката на Европската Комисија (EU) 2022/1327 of 26 July 2022 со која се бара доставување студија за состојбата за внатрешниот пазар во делот на поштенските услуги ценејќи ја состојбата со намалување на традиционалното писмо и зголемување на пакетскиот пазар на услуги.

Во рамки на состанокот се усвоија следните Извештаи од работните групи на ЕРГП и тоа:

  • Извештај за идната регулаторна рамка;
  • Извештај за оперативна група која ја следи и придонесува кон Европската Комисија, за развој на европскиот поштенски сектор;
  • Извештај за корисници и индикатори на пазарот во кој се опфатени ранливите категории на корисници, поштенските индикатори и квалитетот на услугите;
  • Извештај за пристап до инфраструктурата во поштенскиот сектор за достава на пакети;
  • Извештај за регулирање на цените за крајниот корисник, вклучувајќи ја и обврската за обезбедување на пристапни цени и тарифи како и критериумите за проценка на пристапноста и неразумно високите цени;
  • Извештај за напредокот во истражувањето на можностите за поддршка на одржливоста на животната средина во поштенската регулаторна рамка.