ШТО СЕ ГУБИ КОГА РАКОПИСОТ БЛЕДНЕЕ
Дали ракописот е важен?
Не многу, според многу воспитувачи. Општите Основни стандарди, кои се усвоени во повеќето американски држави, наложуваат учење на разбирливо пишување, но само во градинка и прво одделение. После тоа, вниманието брзо се насочува кон ефикасност на тастатурата.
Меѓутоа, психолозите и невронаучниците велат дека далеку е моментот за да се прогласи ракописот како реликвија од минатото. Новите докази покажуваат дека поврзаноста меѓу ракописот и поширокит образовен развој е многу подлабока.
Децата не само што учат да читаат побрзо кога прво ќе научат да пишуваат рачно, туку и подобро создаваат идеи и паметат информации. Со други зборови, не е важно само што пишуваме, туку и како.
„Кога пишуваме, автоматски се активира уникатно нервно коло “, рекол Станислав Дехен, психолог од Францускиот колеџ во Париз. „Постои суштествено препознавање на гестот во пишаниот збор, вид на препознавање од страна на ментална стимулација во вашиот мозок“.
„И изгледа дека ова коло придонесува на единствени начини за кои не сме свесни“, продолжува. „Учењето е полесно“.
Карин Џејмс, психолог на Универзитетот Индијана, која предводела истражување во 2012 година, го подржала тоа гледиште. На деца кои сè уште не научиле да читаат и пишуваат им било покажано буква или форма на картичка и било побарано да ја репродуцираат на некој од трите начини: да ја обележат сликата на лист хартија со испрекината линија, да ја нацртаат на празен лист или да ја отчукаат на компјутер. Потоа, биле ставени во скенер на мозок и повторно им била покажана сликата.
Истражувачите откриле дека првиот процес на дуплирање е многу важен. Кога децата пишувале буква самостојно, покажале зголемена активност во три области од мозокот кои се активираат кај возрасни луѓе кога читаат и пишуваат: лев вретенест гирис, долен преден гирис и заден париетален кортекс.
Спротивно на тоа, децата кои пишувале на компјутер или ја следеле буквата или формата, не покажале таков ефект. Активацијата била значително послаба.
Др. Џејмс ги припишува разликите на неуредноста која е својствена за слободното рачно пишување: Не само што мора прво да планираме и да го извршиме дејството на начин кој не е потребен кога имаме испрекината линија, туку најверојатно ќе имаме резултат кој е крајно променлив.
Таа променливост може сама по себе да биде средство за учење. „Кога детето ќе напише неуредно писмо“, вели др. Џејмс, „тоа може да му помогне да го научи“.
Нашиот мозок мора да разбере дека секое можно повторување на, на пример „а“ е исто, без разлика како е напишано. Способноста да се дешифрира неуредноста на секое „а“ може да биде повеќе од помош во воспоставување на евентуална репрезентација отколку постојано да се гледа истиот резултат.
„Ова е еден од првите докази дека мозокот се менува поради тоа вежбање“, вели др. Џејмс.
Во друго истражување, др. Џејмс споредува деца кои физички формираат букви со оние кои само ги гледаат другите како го прават тоа. Нејзините забелешки сугерираат дека единствено вистинскиот напор ги ангажира мозочните моторни врски и ги изнесува придобивките на учењето со ракопис.
Ефектот е подалекосежен од препознавање на буква. Во истражување во кое се следеле деца од второ до петто одделение, Вирџинија Бернингер, психолог на Универзитетот Вашингтон, демонстрирала дека печатното и ракописното пишување и пишување на тастатура се поврзани со одредени и одделни мозочни шеми – и секое резултира со одреден краен резултат. Кога децата рачно пишувале текст, не само што постојано создавале повеќе зборови побрзо отколку на тастатура, туку и изразувале повеќе идеи. И мозочното снимање кај најстарите субјекти покажало дека поврзаноста помеѓу пишувањето и создавањето на идеи оди уште подлабоко. Кога од овие деца било побарано да смислат идеи за состав, тие со подобар ракопис покажале поголема невронска активност во областите поврзани со работната меморија – и зголемена вкупна активност во центрите за читање и пишување.
Изгледа дека можеби постои разлика и помеѓу печатното и ракописното пишување - разлика од особено значење бидејќи учењето на ракописното пишување исчезнува од наставните програми. Кај дисграфија, состојба каде способноста за пишување е нарушена, понекогаш по повреда на мозокот, загубата може да биде необична: кај некои луѓе ракописното пишување останува релативно неоштетено, додека кај други печатното.
Кај алексија, или нарушена способност за читање, некои луѓе кои не можат да разберат печатно пишување сè уште можат да читаат ракописно, и обратно – што сугерира дека двата начини на пишување активираат одделни мозочни мрежи и вклучуваат повеќе когнитивни вештини отколку што би било со еден пристап.
Др. Бернингер оди подалеку и предлага дека ракописното пишување може да ја тренира способноста за самоконтрола на начин на кој другите видови на пишување не можат, и некои истражувачи велат дека дури можеби тоа е патот кон лекување на дислексијата. Едно испитување од 2012 година предлага дека ракописното пишување може особено да биде ефективно за луѓе со развојна дисграфија – моторни тешкотии при формирање на букви – и дека може да помогне во спречување на превртување на буквите.
Ракописно или не, придобивките од рачното пишување се протегаат и после детството. За возрасните, пишувањето на тастатура можеби е брза и ефикасна замена за рачното, но таа иста ефикасност може да ја намали нашата способност да обработуваме нови информации. Не само што подобро учиме букви кога ги складираме во меморијата преку пишување, туку и меморијата и способноста за учење општо имаат корист.
Двајца психолози, Пем А. Мукер од Принстон и Даниел М. Опенхајмер од Универзитетот Калифорнија, Лос Анџелес, известуваат дека и во лабораториски услови и во вистински училници, учениците подобро учат кога запишуваат рачно отколку кога запишуваат на тастатура. Спротивно на претходни истражувања во кои разликата се припишувала на деконцентрирачкиот ефект на компјутерите, новото истражување претпоставува дека рачното пишување му овозможува на ученикот да ја обработи содржината на предавањето и да ја преформулира – процес на рефлектирање и манипулација кој води кон подобро разбирање и мемориско кодирање.
Не е секој експерт убеден дека долготрајните придобивки од рачното пишување се толку значајни. Сепак, еден таков скептик, психологот од Јејл Пол Блум, вели дека новото истражување, во најмала рака, тера на размислување.
„Со рачното пишување, самиот чин на запишување ве тера да се фокусирате на тоа што е важно“, вели тој. Додава, после пауза за размислување, „Можеби помага да размислувате подобро“.
Извор: