Од јули годинава при увоз во ЕУ ќе се наплаќа ДДВ и за пратките до 22 евра нарачани од македонските е-трговци
На 1 јули 2021 година, во сите земји членки на Европска Унија ќе стапи на сила реформата на ДДВ во е-трговија. Соодветно на тоа, сите поштенски пратки кои содржат стоки, а кои што пристигнуваат во земјите на ЕУ од надвор, вклучително и од Република Северна Македонија, ќе подлежат на ДДВ и на постапки на царинење. Поточно, оваа нова мерка на ЕУ ќе значи дека за сите производи и стока спакувани во поштенски пратки, европските граѓани при увоз ќе плаќаат данок.
Во моментов, малите набавки од онлајн продавници со максимална вредност до 22 € може да се увезат во земјите на Европската унија, без за нив да се плати ДДВ.
И во нашата земја е истата состојба. Имено, стока испратена од странство од правно лице (фирма) во помали пратки со писмо или поштенски пакет која ја прима физичко лице кое живее или има одобрен престој во Република Северна Македонија е ослободена од плаќање на увозни давачки и ДДВ под услов вкупната вредност на пратката да не надминува 22 Евра во денарска противвредност.
Реформата која од јули годинава ја воведуваат земјите од Унијата се заснова на Директива на ЕУ 2019/1995 која има за цел усогласување на системот за ДДВ на единствениот пазар на ЕУ. Директивата ќе стапи на сила во исто време во сите земји на ЕУ. Заедничката реформа во Европа е насочена кон подобрување на конкурентска состојба на компаниите од земјите на ЕУ.
Доколку кај нас состојбата остане иста подолго време, заради компаративната предност со ДДВ-то би можело да се очекува македонскиот пазар да стане попривлечен за странските е-трговци, што би го зголемило и обемот на поштенски услуги во меѓународниот поштенски сообраќај- во доаѓање.
Од друга страна, важно е да се следат и економските параметрите за тоа како ваквата реформа ќе влијае врз обемот на извоз од македонските производители и е-трговци, за стоката од мала вредност што тие ја продаваат во земјите на ЕУ.
Во секој случај, евентуалните промени во нарачките и самата реформа во ДДВ-то во Европската Унија сигурно ќе се рефлектира врз начинот на работа и на 10-те македонски лиценцирани даватели на поштенските услуги кои работат во меѓународниот поштенски сообраќај. Тие веќе ги подготвуват и своите капацитети и своите клиенти за новиот начин на работа. Давателите на поштенските услуги истовремено работат и на усвојување најдобрите технолошки солуции, кои што ќе го направат процесот на царинење побрз и лесен.
Агенцијата за пошти со особен интерес ќе ги следи промените кои што ќе се случуваат во поштенската индустрија во иднина.