Аврамоска Ѓореска за МИА: Поштенскиот пазар целосно подготвен за еднаква и фер конкуренција

Директорка 2022

Аврамоска Ѓореска за МИА: Поштенскиот пазар целосно подготвен за еднаква и фер конкуренција

 

Поштенскиот пазар во државава е целосно подготвен за постоење на еднаква и фер конкуренција. Целосната либерализација е оправдано настаната и претставува можност за сите даватели на поштенските услуги да може да работат по еднакви услови дефинирани со законските одредби, вели во интервју за МИА директорката на Агенцијата за пошти Билјана Аврамоска Ѓореска.

Со неа разговаравме по повод второто стапување во сила на законските одредби за целосна либерализација на поштенскиот пазар.

Со зголемување на обемот на услуги, понудата за поврзан пакет на услуги, генерално со активностите кои А.Д. Пошта на Северна Македонија ги превзема изминативе две-три години во насока на унапредување на сопствените практики, процеси и системи, можам да констатирам дека е на добар пат да го врати пазарниот удел кој континуирано го губеше во изминатите години, вели Аврамоска-Ѓореска.

Таа порачува дека традиционалните но и новите играчи на пазарот на писма треба да го „реосвојуваат“ овој пазарен сегмент и да го зголемат и по обем и по вредност.

 

 

Од почетокот на годинава повторно се во сила законските измени со кои се овозможува целосна либерализација на поштенскиот пазар. Ова е втор ваков период откако и минатата година во јануари пазарот на поштенски услуги беше накратко отворен за целосна конкуренција, но во јули со законски измени се врати поштенскиот монопол. Создадени ли се овојпат услови за примена на одредбите за целосна либерализација?

Процесот на либерализација на пазарот на поштенски услуги започна пред повеќе од 14 години како резултат на заложбите на земјата за исполнување на обврските од членството во Светската Трговска Организација и аспирациите кон европските интеграции. Тогаш, Владата ја донесе Стратегијата за развој на поштенскиот сектор во Република Македонија 2007-2010 година, а Законот за поштенските услуги од 2008 година е првата националната правна рамка со која се транспонираа одредбите од поштенските Директиви на Европскиот Парламент и Совет бр.(97/67/EC), (2002/39/EC) и (2008/06/EC).

Во овој контекст можеби е крајно време да се донесе нова Стратегија за развој на поштенскиот сектор од страна на државата, која ќе ги идентификува и посочи клучните поштенски трендови во Северна Македонија и ќе прави споредба со поштенските трендови на светско ниво, ќе ги утврди стратешки цели за натамошен развој на поштенските услуги,  сеопфатно анализирајќи ги развојните етапи на обемот и приходите од поштенските услуги, како и клучните варијабли што влијаат на понудата на поштенски услуги.

Првично во 2008 година, датумот за настапување на целосна либерализација беше дефиниран за 2012 година. Во таа насока, во 2008 година формирана е Агенцијата за пошти која меѓудругото има законска обврска да го следи  развојот на пазарот на поштенските услуги и да ја промовира конкуренцијата на пазарот на поштенски услуги и секако да го олесни процесот на целосна либерализација на пазарот, како што напоменав првично предвиден за 2012 година.

Пазарот на поштенските услуги беше накратко отворен за целосна конкуренција на 1 јануари 2021 година, кога беше укинат поштенскиот монопол. Меѓутоа, на 14 јули 2021 година беше воведена законска измена со која се уназади отворањето на пазарот и со која последователно се врати поштенскиот монопол. Новиот датум за целосно отворање на пазарот повторно беше одложен за 1 јануари 2022 година. Уназадувањето на отворањето на пазарот и обновувањето на монополот не само што не беше во согласност со обврските во Спогодбата за стабилизација и асоцијација која ја обврзува Северна Македонија да ги преземе неопходните чекори за прогресивно усогласување на националното законодавство со правото на ЕУ, туку создаде и правна неизвесност за деловните субјекти, давателите на поштенските услуги и граѓаните.

Во услови на исклучително високо ниво на конкуренција, барањата и потребите на корисниците на поштенски услуги се покомплексни и нивното услужување бара интегриран и стандардизиран процес и отворен пазар на поштенските услуги. Тоа воедно преставува и илустрација за  огромниот развоен потенцијал на поштенскиот пазар.

Да сумирам, воведувањето на целосна либерализација на поштенскиот пазар е проследено со повеќегодишно регулирање на пазарот со цел создавање на еднакви и фер услови за сите чинители на пазарот. Овој процес започна пред скоро деценија и половина со дефинирање на првите ограничувања за тежина за пратките за коресподенција и денес може да констатираме дека пазарот е целосно подготвен за постоење на еднаква  и фер конкуренција на пазарот.

 

 

Ќе заврши ли конечно правната неизвесност за деловните субјекти, операторите и граѓаните што беше карактеристика во изминатиот период?

Следејќи ги тековните активности сметаме дека целосната либерализација е оправдано настаната и истата претставува можност за сите даватели на поштенските услуги да може да работат по еднакви услови дефинирани со законските одредби. Меѓу другото, сметам дека  државата е должна да води сметка и за тоа како ќе се одразат евентуалните повторни одложувања на либерализацијата врз развојот на конкуренцијата, за кои не верувам дека би се случиле. Во оваа смисла, само како напомена, со минимум вложувања, екстензивната приватна конкуренција од 42 даватели на поштенски услуги вработува 1442 вработени и е достапна со своите услуги за клиенти и корисници со вкупно над 230 поштенски единици низ градовите во државава.

Приватната конкуренција низ годините постепено се развива и корисниците одамна се свесни за нејзиното постоење и можности во развивањето нови услуги за пакети, со цел да се одговори на актуелните потреби. Пазарот на услуги за писма има свои специфичности и ова целосно отворање на конкуренцијата очекуваме да ги раздвижи работите во позитивна насока и при тоа не мислам само на иновативен настап за продор на приватните компании, туку и на дополнителните напори на националниот давател за подобрување на квалитетот на услугите под влијание на компетитивната средина која настапува.

Време е за динамична иновативна пазарна економска логика и нема враќање назад. Можноста за конкуренција во доставата на писма кои содржат сметки и фактури, никого, а особено давателите не треба да ги остават рамнодушни, но и на нивото и обемот на услуга како за време на пандемијата. Имено, бројките покажуваат дека очигледен е падот на обемот на услугите за писма како резултат на нивна замена со електронски фактури, а не помалку индикативни се и искуствата на примачите. Од сите даватели очекуваме особени заложби за повторно „освојување“ на ова поле, насочени кон враќање на физичка достава на сметките за граѓаните и малите бизниси. Свесни сме за ново стекнатите навики на граѓаните електронски да си ги плаќаат сметките и фактурите, но тоа од друга страна не значи дека тие не сакаат да си ги добијат по пошта и навреме таквите сметки. Ова посебно е важно за повозрасните и ранливите категории граѓани, и не само за нив, ако се знае дека засега платените хартиени сметки може да се чуваат подолго и подостапно од електронските. Потенцијалот на овој пазарен сегмент е уште поголем ако се знае дека се уште има многу фирми и претпријатија, кои сами си ги доставуваат нивните сметки.

Затоа велиме дека на традиционалните, но и на новите играчи на пазарот на писма останува да го „реосвојуваат “ овој сегмент на македонскиот пазар и да го зголемат и по обем и по вредност.

 

 

Што значи во пракса целосната либерализација, дали националната Пошта е подготвена за работа во вакви услови и што треба да се промени за конкурентни услуги за граѓаните?

Либерализираниот пазар на поштенските услуги за сите корисници на поштенските услуги ќе гарантира пристапни и по еднакви услови поштенски услуги, како и создавање на можност за корисниците да користат нови форми на услуги со пониски цени, достапни со повисок квалитет, обезбедени и од давателот на универзалната услуга но и од другите поштенски даватели.

Предностите кои ги нуди либерализираниот пазар покрај за корисниците ќе има значење и за давателите на поштенските услуги. Основен предуслов за креирање на вакви услови беше отстранување на сите законски бариери и усогласеност на законодавството согласно пазарните механизми.

Во делот на подготвеноста на давателите на поштенските услуги, дозволете да дадам еден посеопфатен осврт.

Со оглед на фактот дека сопственичката структура на А.Д. Пошта на Северна Македонија- Скопје е 100 проценти државен капитал, со кој управува Владата, ценам дека поддршката од Владата на Република Северна Македонија на А.Д. Пошта на Северна Македонија е круцијална со цел да се помогне во одржливост на поштенската мрежа и инфраструктурата со која располага давателот на универзалната услуга одговорен за универзалната услуга на целата територија на државата и во меѓународниот поштенски  сообраќај.

Давателот  на универзалната услуга треба стратешки да го промени фокусот на своето работење, да се прилагоди на европските стандарди и акцентот да го стави на зголемување на понудата на услугите согласно побарувањата, и на тој начин соодветно да се справи со конкуренцијата. Потребно е поголемо учество на пазарот на пакети како најбрзорастечки сегмент од поштенскиот пазар, каде впрочем приватните даватели го имаат најголемиот удел. Со зголемување на обемот на услуги, понудата за поврзан пакет на услуги, генерално со активностите кои А.Д. Пошта на Северна Македонија ги превзема изминативе две -три години во насока на унапредување на сопствените практики, процеси и системи, можам да констатирам дека е на добар пат да го врати пазарниот удел, кој  континуирано го губеше во изминатите  години.

Во изминатиот период давателот на универзалната услуга се соочуваше со сериозни предизвици настанати од пандемијата, но и од неконзистентните државни политики кои наназад со години придонесоа за намалување на фактурираните услуги од достава на сметки на телекомуникациските оператори како резултат на воведување на електронско плаќање на сметки за електрична енергија и сметки за други комунални услуги што предизвика намалување на обемот на писма во внатрешен поштенски сообраќај. Исто така, состојбата беше влошена и со доставата на сметките на радиодифузната такса, која во еден период давателот ја вршеше за цена од 1 денар, да не ги заборавиме и случувањата со Еуростандард банка, што доведоа до негативен ефект од намалување на платениот промет и наплатата на сметки, небришењето на долговите на компанијата како на голем дел од претпријатијата во државна сопственост и сл.

Како  резултат на несоодветното  решение  од  2010  година  на  А.Д. Пошта  на  Северна  Македонија, како на ретко која друга национална пошта во Европ и беше ускратена  можноста да користи државна помош. Имено, скоро сите држави во Европа им плаќаат на своите национални даватели на универзална  услуга значителни суми за државна помош – компезација на нето трошоци, на годишно ниво, без разлика дали се делумно приватизирани или се целосно во државна  сопственост.

Агенцијата  за  пошти, во континуитет потенцира и истакнува дека во следната измена на  Законот за поштенските услуги мора да се вгради и вакво решение во корист на компанијата. Тргнувајќи токму од потребата од измена во законската регулатива, тимови од Агенцијата за пошти и од националниот давател веќе започнаа да работат на измени и дополнувања на Законот за поштенски услуги, во кои меѓу другото ќе биде вметато и ова решение. Секако, во следна фаза истите ќе бидат и предмет на јавна расправа во која ќе бидат вклучени сите чинители во поштенскиот сектор.

Остануваме посветени на соработката со сите чинители во поштенскиот сектор, со сите даватели на поштенските услуги, но и на заложбата да се користи  поштенскиот сектор како клучен за одржување на економијата, и државата да ја користи поштенската мрежа како критична инфраструктура.

 

 

На пазарот работат повеќе од 40  приватни даватели на услуги, а трендот на интерес за лиценцирање е во нагорна линија. Има ли капацитет пазарот за успешно функционирање на толку многу субјекти, со оглед на реакции од некои оператори дека лесно се добива нотификација, планирате ли да ги зајакнете критериумите за капацитетот и инфраструктуратана тие што аплицираат за општо овластување?

Големиот интерес на правните субјекти да започнат со работа во поштенскиот сектор е тренд кој својата највисока точка ја достигна кон крајот на 2020 и првата половина на 2021 година, како резултат на новата општествена реалност поврзана со Ковид-кризата. Заради променетите навики на граѓаните и фирмите, а особено со растот на е-трговијата, очекуваме овој тренд на интерес да се движи во нагорна линија  и во текот на 2022 година.

Агенцијата за пошти прави темелна и сеопфатна анализа, во законска рамка се разбира, на правните субјекти кои ќе аплицираат за Општо овластување за обезбедување на поштенски услуги – лиценца, со цел да станат учесници и на тој начин да им се овозможи пристап до пазарот  на поштенските услуги, по што во целост ги отфрлам реакциите дека лесно се добива општо овластување.

Само за илустрација, минатата година нотификација за добивање на општо овластување поднеле 16 нови правни субјекти од кои 8 добија општо овластување за обезбедување на поштенски услуги, 4 за одредено географско подрачје и 4 за целата територија на  државата.

Во тој поглед, а се со цел на субјектите да им се приближат правните и оперативните аспекти на поштенскиот бизнис, обврските и правата, Агенцијата за пошти со својата експертиза во постапките по нотификација им помага советодавно на барателите на лиценци, односно одржува информативни и работни состаноци со заинтересираните правни и физички лица.

На тој начин придонесуваме за нивно добро позиционирање уште на самиот старт на пазарната трка, меѓутоа и за потребата од почитување на законските прописи и регулаторни мерки.

Во насока на креирање амбиент за фер конкурентски натпревар во интерес на сите  учесници, ги подигнавме стандардите за издавање на Општо овластување во насока на задолжително брендирање на возилата и поседување на службена легитимација т.е. идентификација, која служи за докажување на службеното својство и за која има обврска да се покаже при доставата на поштенските пратки. Веќе работиме на измени и дополнувања на Правилникот за содржината и формата на нотификацијата и потребната документација, која се доставува со нотификацијата со кои ќе ги допрецизираме и зајакнеме критериумите за капацитетот и инфраструктура  на потенцијалните правни субјекти кои поднесуваат Нотификација за Општо овластување за обезбедување на поштенски услуги.

На поштенскиот пазар во моментов работат 43 лиценцирани даватели на поштенски услуги односно 42 правни лица со Општо овластување за обезбедување на поштенски услуги, и АД Пошта на Северна Македонија – Скопје со индивидуална дозвола за обезбедување на универзална услуга.

 

 

Онлајн платформите во глобални рамки често развиваат свои мрежи за испорака и се конкуренти на традиционалните поштенски оператори. Каква е состојбата кај нас во тој поглед?

Во светски рамки, како популарен пристап за онлајн пазарење се издвојува и начинот на пазарење преку е-платформи. Е-платформите се информациски мрежи кои овозможуваат и поврзување со одделни веб-продавници кои нудат продажба на производи или услуги.

Следствено, на глобално ниво е-платформите, кои порано беа традиционални клиенти на поштенските оператори, развија свои мрежи за испорака, со што станаа и конкуренти на традиционалните поштенски оператори.

Според нашите сознанија македонските е-платформи, за достава на своите пратки најчесто користат услуги од лиценцираните даватели на поштенски услуги. Тие на транспарентен начин ги истакнуваат условите за користење, даваат насоки за начинот на е-пазарење, за опциите за плаќање како и информации за испораката односно доставата на нарачаните производи.

Во поглед на доставата, платформите располагаат со податоци за давателите кои ја вршат поштенската услуга, за видот на услуга која може да се користи, цени за истите како и рокови за достава. Исто така на електронските платформи се содржани и обврските и правата на потрошувачите со кои секако дека треба да бидат запознаени.

 

 

Корисниците на поштенските услуги се изложени на ризици од можни злоупотреби и измами од диви даватели на пазарот, нелегални профили на социјалните мрежи при он лајн купување,  проблеми со навремена и квалитетна достава на пратки. Што покажуават вашите анализи за таквите појави, се постапува ли по прекршочните постапки што ги покренавте во изминатиот период по извршените надзори кај одредени правни субјекти и дали некои од нив се заокружени?

Подемот на електронското пазарење дојде во израз во 2020 година како последица на пандемијата. На домашниот пазар, продажбата на мало преку интернет значително порасна, а со тоа се променија и навиките за купување на потрошувачите.

Во Агенцијата за пошти се евидентирани мал број на поплаки кои се однесуваат на измами од онлајн продавници. Дозволете да потенцирам дека Агенцијата не е надлежна да постапува по ваквите пријави, но сепак им укажува на граѓаните дека пазарењето од нерегистрирани-неверификувани онлајн трговци претставува голем ризик од причина што тие воопшто не се заштитени како потрошувачи бидејќи немаат фискална сметка за производите кои што ги нарачуваат, ниту пак некаква гаранција за истите.

Што се однесува на измамите од „дивите даватели“ кои доставуваат пратки кои се производ од онлајн пазарење, Агенцијата за пошти будно ги следи состојбите и ажурно презема активности кои се во нејзина надлежност. Сивата економија во секое општество има различни појавни облици но последиците по пазарот, фискалните и безбедносните ризици се скоро секаде еднакви. Кај нас сивата трговија, во последните години особено, си пронајде свои канали за продажба и за достава, па оттука и зголемениот број на т.н.„диви даватели“ или физички и правни лица кои вршат достава на интернет нарачките, купени најчесто од фејсбук и инстаграм профили.

Дека е тоа така говорат и податоците од нашето работењето на терен, бидејќи како ниедна година претходно во 2021 година Агенцијата за пошти водеше дури шест прекршочни постапки пред надлежните судови против субјекти кои вршеле поштенска дејност без лиценца. Во прв степен се завршени четири од постапките, три од нив завршија со осудителни пресуди во кои фирмите и нивните управители се санкционирани со глоба од 100 до 2.000 евра во денарска противвредност, а една од пресудите е веќе правосилна.

Исто така, врз основа на една пријава од корисник Агенцијата за пошти придонесе во откривање на физички лица кои произведувале и поседувале поголемо количество на фалсификувана роба, за што понатаму се отпочнати кривични постапки пред надлежни институции.

Како што веќе е познато, доставата на производот до адресата на купувачот треба да ја извршат лиценцирани даватели на поштенски услуги.

 Во домашниот поштенски сообраќај лиценцираните даватели покажаа дека успешно ги менаџираат оперативните процеси преку кои се обезбедува сигурна достава на е-пратките од корисниците на поштенски услуги кои се во својство на испраќачи на пратки до примачите.

Тука би сакала уште еднаш да истакнам  дека давателите на поштенски услуги не одговараат за содржината на пратката, туку дека можат да преземат одговорност само за губење или целосно оштетување на пратката, за нејзиното делумно оштетување или ограбување или пак за пречекорување на рокот за достава.