Успешно завршена првата сесија од TAIEX проектот за подобрување на капацитетите на Агенцијата за пошти во делот на анализа на пазарот и мерењето на квалитет на поштенските услуги

Во периодот од 1-ви до 3-ти јуни  2022 година се одржа првата онлајн сесија од TAIEX проектот за подобрување на капацитетите на Агенцијата за пошти во делот на анализа на пазарот и мерењето на квалитет на поштенските услуги со експерти од Националната  Комисија за конкуренција и пазар на Шпанија (регулаторно тело од областа на поштенските услуги) и од Министерството за транспорт, мобилност и урбани работи на Кралството Шпанија.

Директорката на Агенцијата за пошти, г-ѓа Билјана Аврамоска Ѓореска во своето обраќање искажа благодарноста до Европската Унија, Секретаријатот за европски прашања затоа што ја препознаа решеноста на Агенцијата за пошти да го вложи својот максимум во зајакнување на сопствените институционалните капацитети. “Да се заблагодарам, затоа што со издвојувањето средства од своите претпристапни фондови за спроведување на овој проект, ни се укажа повторно довербата дека сме подготвени да работиме на јакнење на институционалниот потенцијал и меѓусебната соработка за да ги спроведеме препораките коишто ќе произлезат од проектните активности. Со истиот степен на професионализам и посветеност со кој пристапуваме кон другите предизвици, пристапуваме и кон спроведувањето на овој проект и ќе го дадеме својот максимален придонес во спроведувањето на активностите коишто ќе треба да следат по неговото завршување. Оттука, овој проект и неговата успешност ги перципираме и како долгорочна клучна инвестиција во еден значаен сегмент од нашето работење“ – додаде Аврамоска Ѓореска.

            Во рамките на тридневната сесија од страна на шпанските експерти се дадоа препораки за хармонизација на законодавството со одредбите на ЕУ Директивата 67/97/ЕС, се споделија практични искуства од имплементацијата на Регулативата за  меѓународната достава на пакети во Шпанија. Воедно, беа прикажани и презентации за методологијата и начинот на подготовка на годишен извештај, квалитетот на универзалната услуга како и за мерењето на квалитет на поштенските услуги.    

На сесијата учествуваа вработени во Агенцијата за пошти, преставници на давателот на универзалната услуга “АД Пошта на Северна Македонија“ како и на  давателите на поштенски услуги кои обезбедуваат поштенски услуги во меѓународниот поштенски сообраќај.

Втората сесија од TAIEX проектот ќе се одржи на  9-ти и 10-ти јуни со експерти  од регулаторното тело од областа на поштенските услуги на Франција.