Успешно завршен TAIEX проектот за подобрување на капацитетите на Агенцијата за пошти во делот на анализа на пазарот и мерењето на квалитет на поштенските услуги
На 09-ти и 10-ти јуни 2022 година се одржа втората онлајн сесија одTAIEX проектот за подобрување на капацитетите на Агенцијата за пошти во делот на анализа на пазарот и мерењето на квалитет на поштенските услуги соексперти од националниот давател на поштенски услугиLa PosteFrance.
Во рамките на втората сесија од страна на француските експерти беше презентирана законската рамка за собирање и анализа на податоци за поштенските услуги, како и формата на прашалниците за поштенски податоци кои давателите на поштенските услуги имаат обврска да ги доставуваат до француското регулаторно тело (ARCEP), како и методологијата на собирање на статистички податоци од страна на националниот давател на поштенски услуги La Poste France. Воедно од страна на експертите се споделија практични искуства од имплементацијата на Регулативата за меѓународнатадостава на пакети во Франција.
На сесијата покрај вработените во Агенцијата за пошти, учествуваа и преставници на давателот на универзалната услуга “АД Пошта на Северна Македонија“.
„Искрено се надевам дека резултатите од TAIEX проектот ќе ни бидат квалитетен водич во активностите кои ќе ги превземе Агенцијата во насока на унапредување и зајакнување на пазарот на поштенските услуги. Овој проект и неговата успешност ја перципираме како долгорочна клучна инвестиција во еден значаен сегмент од нашето работење.Ме радува фактот што во овој проект, како TAIEX партнери имавме и две од земји членки на Европската Унија – Шпанија и Франција. Во комуникацијата и соработката со експертите во изминатите пет дена се стекнавме со сознанија коишто ќе ни бидат од голема корист во нашето натамошно работење. Може да резимираме еден успешно завршен проект, а во периодот потоа, откако ќе ги спроведеме добиените препораки, и да испишеме уште една од многуте историски страници за придонесот на Агенцијата за пошти за европските интегративни процеси на нашата земја – истакна во своето завршно обраќање директорката на Агенција за пошти, г-ѓа Билјана Аврамоска Ѓореска.
Со реализација на втората сесија се финализира и 5-та Компонента од Твининг проектот „Зајакнување на капацитетите на Агенцијата за пошти“која не беше реализирана заради пандемијата предизвикана од Ковид 19, и со тоа во целост се заокружува Твининг проектот (кој започна во декември 2018 година, а заврши во јуни 2020 година).