Одржан 23-от Јавен состанок на Агенцијата за пошти
Почитувајќи го принципот на транспарентно работење, Агенцијата за пошти го одржа својот 23-ти јавен состанок, на кој пред чинителите во поштенскиот сектор беа презентирани реализираните активности, плановите за делување во 2025 година, како и Анализата на пазарот на поштенски услуги во Република Северна Македонија за првото полугодие за 2024 година.
На јавниот состанок присуствуваа претставници на Министерството за транспорт и врски, Управата за јавни приходи, Асоцијацијата за електронска трговија, претставници на давателите на поштенски услуги, медиумите, како и други поканети гости од институциите со кои соработува Агенцијата за пошти.
Во своето обраќање, осврнувајќи се на реализираните активности во 2024 година, директорот на Агенција за пошти, д-р Сретен Миладиноски, меѓу другото, истакна дека Агенцијата посветено и одговорно ги извршува своите законски функции и надлежности, и успешно ги реализира активностите согласно својата Годишна програма за работа. Тој нагласи дека во поглед на Годишната програма за вршење на надзор, истата е целосно имплементирана и дека надзорните механизми на Агенцијата се зајакнуваат, со што во 2024 година извршени се вкупно 25 надзори, односно најмногу во последните 5 години.
На јавниот состанок беше презентирана и Анализата на пазарот на поштенски услуги во Македонија за првото полугодие од 2024 година од страна на раководителката на Директоратот за следење и анализа на пазарот, Данијела Спасиќ -Томовска.
По последната точка од дневниот ред, директорот Миладиноски осврнувајќи се на идните планови и проекти кои ќе се реализираат во 2025 година, истакна:
„Агенцијата ќе продолжи да ги извршува своите надлежности кои се однесуваат на осигурување на обезбедување на универзалната услуга со стандарден квалитет, на одржлив и конкурентен пазар, заштита на корисниците и на давателите на поштенски услуги, надзорните и контролните механизми, како и активности кои се однесуваат на самото работење на Агенцијата за пошти. Овие активности се содржани во Годишната програма за работа за 2025 година, која што е навремено одобрена од страна Собранието. Надзорите ќе се вршат според Годишната програма за вршење на надзор за 2025 година. Исто така, како и досега ќе вршиме и заеднички надзори со други надлежни институции, односно со Министерството за внатрешни работи, Царинската управа, со Управата за јавни приходи, со Државен пазарен инспекторат и други институции.“