Одржан 18-от јавен состанок на Агенцијата за пошти: Потврден ентузијазмот за градење на силен поштенски сектор

Слика 10

Денес, 08 јуни 2022 година, Агенцијата за пошти го одржа 18-от јавен состанок, на кој беше презентирана состојбата на поштенскиот пазар во Република Северна Македонија, како активностите и плановите за делување во идниот период.

Принципот на транспарентност и во таа насока одржување на јавните состаноци, овозможуваат јавноста континуирано да биде информирана за сите регулаторни мерки и одлуки на Агенцијата за пошти, што ги засегаат сите чинители на пазарот на поштенските услуги.

На јавниот состанок присуствуваа г-дин Андреј Јосифовски, член на Комисијата на Агенција за пошти, генералниот директор на АД “Пошта на Северна Македонија“ г-дин Васко Стефанов, заменик на генералниот директор на АД “Пошта на Северна Македонија“ г-дин Ненад Јошевски, членовите на Управниот одбор на давателот на универзалната услуга, претставници на давателите на поштенски услуги и на медиумите, како и други поканети гости од институциите со кои соработува Агенцијата за пошти.

Воведно излагање на јавниот состанок имаше директорката на Агенцијата за пошти, г-ѓа Билјана Аврамоска Ѓореска. Поздравувајќи ги учесниците, директорката Аврамоска Ѓореска истакна дека овој настан и дискусијата која ќе се развие ќе може да се искористат за натамошно унапредување на правните механизми кои Агенцијата ги има на располагање, за идентификување на клучните области кои ќе можат да бидат подобрени. Тие механизми ќе бидат прилагодени на потребите, можностите и очекувањата и на давателите и на корисниците на поштенските услуги – додаде Аврамоска Ѓореска.

Директорката Аврамоска Ѓореска во своето обраќање истакна дека Агенцијата за пошти како независно регулаторно тело од областа на поштенските услуги, на најдобар можен начин си ги извршува своите законски функции и надлежности,  онака како што е тоа регулирано во законските и подзаконските акти, но преточено и во последниот Стратешкиот план 2022-2024 на Агенцијата и другите стратешки документи, и останува да биде отворена, одговорна и современа институција во функција на сите чинители во поштенскиот сектор.  

Во изминатите шест месеци прва конкретна активност што ја направивме е формирањето на работната група за иницирање на измена и дополна на Законот за поштенските услуги. Нејзина цел е унапредување на регулаторната рамка, но и усогласување на домашното законодавство со европското согласно глобалните трендови на пазарот на поштенските услуги. Ние не застануваме тука. Моментално сме во процес на подготовка за измена и дополна на Правилникот за формата и содржината на нотификацијата и потребната документација која се доставува со нотификацијата, за која ќе имате можност да слушнете во натамошниот тек на јавниот состанок, како и измени и дополни на Правилникот за барањата за квалитетот на услугите опфатени со универзалната услуга со параметрите за квалитет и нивно мерење. Тоа ќе ни овозможи да пропишеме нови станадарди на квалитет. За таа цел е формирана работна група со преставници од давателот на универзалната услуга и од Агенцијата за пошти. Исто така, продолжуваме со активностите на работната група поврзани со посебното сметководство и алокација на трошоци. Со зголемување на бројот на овластени лица за вршење на надзор и со унапредување на механизмите кои ни стојат на располагање, ја зајакнуваме ефективната контрола и надзор над работата, особено врз оние правни лица кои обезбедуваат поштенски услуги кои не поседуваат Општо овластување издадено од Агенцијата, со што во голема мера ја нарушуваат конкуренцијата на поштенскиот пазар„ – рече директорката.

На јавниот состанок беше презентиран Статистичкиот извештај за поштенските активности во Република Северна Македонија за 2021 година од страна на раководителката на Директоратот за анализа и следење на пазарот, г-ѓа Данијела Спасиќ – Томовска.

(Статистичкиот извештај за поштенските активности во Република Северна Македонија за 2021 година - презентација)

На состанокот, од страна на раководителката на Директоратот за регулатива, лиценцирање и правни работи г-ѓа Олга Манчевска беа презентирани секторските стандарди за прилагодување на поштенската регулаторна рамка кон новите мрежни модели односно идната регулаторна правна рамка за влез на пазарот и развој на конкуренција во секторот кои ќе бидат инкорпорирани  во измените и дополните на  Правилникот за формата и содржината на нотификацијата и потребната документација која се доставува со нотификацијата.

Агенцијата за пошти во Годишната програма за работа за 2022 година предвиде и активности за афирмирање на работата на давателите на поштенски услуги, со цел приближување на поштенската работа на пошироката јавност преку презентирање на добрите практики и примери за успешно работење. Во таа насока на јавниот состанок беа доделени и признанија за успешно работење на следните даватели на поштенски услуги:

  • „АД Пошта на Северна Македонија“ – како давател на универзалната услуга (со индивидуална дозвола издадена во 2008 година и продолжена во 2014 година со неограничено времетраење) која обезбедува универзалната услуга, издавање на поштенските марки и поштенските вредносници, одржување, развој и работа на поштенската мрежа и придружната инфраструктура од јавен интерес;
  • ЕКО ЛОГИСТИК СЕРВИС ДООЕЛ Скопје - давател на поштенски услуги (со Општо овластување за обезбедување на поштенски услуги издадено во 2018 година, со проширување на портфолиото на услуги и мрежа во 2019 година) – за најголем остварен обем на поштенските услуги од сите даватели на поштенски услуги на слободниот пазар и воедно најголем остварен обем на пратки за коресподенција  - од сите даватели на поштенски услуги на слободниот пазар);
  • Карго Експрес ДООЕЛ увоз извоз Битола – како давател на поштенски услуги (со Општо овластување за обезбедување на поштенски услуги издадено во 2008 година, со проширување на портфолиото на услуги и мрежа во 2014 година) – за најголем остварен обем во поштенската услуга – пакети.

Од страна на директорката Билјана Аврамоска Ѓореска беа доделени статуетки за благодарност за успешната и долгогодишна соработка со Управниот одбор на „АД Пошта на Северна Македонија“, како и на долгогодишните соработници – вработени во „АД Пошта на Северна Македонија“, г-ѓа Валентина Јовчевска, г-дин Рами Јусуфи и г-дин Ирфан Ибраими.

Image
слика 1
Image
слика 2
Image
слика 3
Image
слика 4
Image
слика 5
Image
слика 6
Image
слика 7
Image
слика 8
Image
слика 9