Одржан 22-от Јавен состанок на Агенцијата за пошти

 

Почитувајќи го принципот на транспарентно работење, на 30.05.2024 година во хотел Холидеј ИН беше одржан 22-от Јавен состанок на Агенцијата за пошти, на кој пред чинителите во поштенскиот сектор беа презентирани активности, плановите, состојбата како и анализата на пазарот на поштенски услуги во Република Северна Македонија за 2023 година.

На јавниот состанок присуствувше Комисијата на Агенција за пошти претставници на Министерството за транспорт и врски, претставници на давателите на поштенски услуги, претставници од Асоциајцијата за е-трговија на Македонија, од Институтот за стандардизација, претставници од медиумите, како и други поканети гости од институциите со кои соработува Агенцијата за пошти.

Во своето обраќање, директорот на Агенција за пошти, Сретен Миладиноски меѓу другото истакна „ Бројката на даватели на слободен пазар не е променета од пред 6 месеци и изнесува 34. Од сите компании кои ја сочинуваат понудата на конкуренцијата, најголем број 22, имаат лиценца за работа на целата територија на државата, но не се сите активни. Кај поразвиените од нив, се зголемува интересот да работат и меѓународни поштенски услуги.“

Тој потенцираше и дека Агенцијата за пошти преку својата надзорна функција ја следи работата на лиценцираните давателите, но исто така, дека Агецниата е постојано будна кога се работи за нелојалната конкуренција, односно за „дивите даватели“. Информираше дека се спроведени редовни и вонредни надзори, и дека за некои од нив е соработувано со Министерството за внатрешни работи, Царинската Управа, Управата јавни приходи, Државниот пазарен инспекторат и со Државниот инспекторат за труд, по што во дел од спроведените надзори биле констатирани и одредени прекршоци за што се изречени соодветни законски глоби.

На јавниот состанок беше презентирана Анализата на пазарот на поштенски услуги во Република Северна Македонија за 2023 година од страна на раководителката на Директоратот за следење и анализа на пазарот, Данијела Спасиќ  Томовска. Таа истакна дека статистиките покажуваат континуиран раст на обемот кај давателите на слободниот пазар и во 2023 година, давателите на поштенски услуги на слободен пазар  имаат зголемување на обемот за 32,7 % во однос  на 2022 година и силно позиционирање во делот на обезбедување на услугата пакети со зголемување од 26.7% во однос на 2022 година.

Од страна на Олга Манчевска, раководителка на Директортатот за регулатива, лиценцирање и и правни работи беше презентирана и Состојбата на пазарот- универзалната услуга и конкуренција.

Таа истакна дека под итно е неопходна поддршка и од државните и јавни политики, за да може да се одржи нивото на универзална услуга од страна на АД Пошта Скопје. Исто така посочи „Бидејќи до сега немаше,  соодветен механизам за компензација на нето-трошокот за универзална услуга, преку државна помош од Буџетот е вграден во последниот предлог-текст на Законот за поштенските услуги . Европската регулаторна рамка тоа го дозволува и очекуваме измените на Законот што поскоро да бидат донесени во законодавниот дом. Но, во исто време укажуваме дека час поскоро се потребни и екстра напори од менаџментот на АД Пошта, насочени кон намалување на расходите, паралелно со мерки за  подигнување на нивото на продуктивност и ефикасност на универзалната услуга. Дополнително, експертизата од регулаторот сугерира на намалување на нето-трошокот за универзалната што може да се постигне преку модернизација која нема да ги занемари ни потребите на корисниците.“

Понатаму додаде дека кај сите лиценцирани компании кои обезбедуваат домашни услуги, најголем процент од услугите се услугите за пакети со кеш откупи. Дека Агенцијарта постојано укажува, дека циркулирањето на готовината низ поштенските мрежи и натаму создава многу проблеми и предизвици, а се почести се и кражби на готовината и дека е потребно  многу работа од сите чинители на пазарот и во државата, вклучително и напор од е-трговците, за да се искоренат несекојдневни практики непознати за развиените економии во Европа.

Исто така информираше дека од средината на март годинава, за македонските корисници кои нарачуваат од Алиекспрес се создаде уште една опција за достава на R мали пакети од Е-формат. Имено, домашната Виа Пост Скопје стана втор крак од мрежата на Маѓарпост која во Македонија обезбедува меѓународни поштенски услуги. Од тогаш за 2 месеци преку Виа пост се доставени над 25.000 мали пакети, воглавно со вредност до 22 Евра. Првичните проблеми со враќање на пратките ( помалку од 0,02% се вратени)  за што реагираа и корисниците,  се надеваме дека се веќе надминати.

По последната точка од дневниот ред – Промена на потребите на корисниците на поштенските услуги, Ана Ковачевска, раководителка на Директоратот за заштита на правата на корисници, информираше дека зголемување на конкуренцијата во е-трговија обезбедува и позитивни стимулации за сите играчи на пазарот, како за трговците на мало кои се јавуваат во својство на испраќачи на пакетски пратки, така и за давателите на поштенски услуги што дава дополнителен поттик за развој на нови иновативни решенија за достава.

Таа додаде дека доставата до дома е најпосакуваната опција за потрошувачите, но исто така и предизвик за имплементирње на нови технологии и воведување на нови услуги со додадена вредност, а се со цел да се задоволат потребите на крајните корисници. Според Истражувањето за потребите на корисниците на пу кое го спроведе Агенцијата во 2023 година, се потврди дека македонските корисници без разлика дали се правни или физички лица во поголем процент од околку 65%, се спремни и да платат повисока цена за поштенската услугата со цел да добијат поквалитетна достава.

Поврзано со регулативата која ја опфаќа заштитата на корисниците на поштенски услуги, таа информираше и дека во новата поштенска директива која е на повидок, вниманието ќе биде насочено кон заштитата на правата на примачите.

Од страна на присутните беше изразено задоволство од успешниот јавен состанок, преку поставените прашања и плодните дискусии преку кои се потврди соработката на Агенцијата со сите чинители во поштенскиот сектор.

 

Дневен ред на Јавниот состанок